Фото: приватна архива

Таленти: Драгана Рајкова (10), идна писателка

Десетгодишната Драгана Рајкова е ученичка во петто одделение во основното училиште „Јосип Броз Тито“ во Валандово, а исто така посетува и нижо музичко училиште во Струмица, каде што свири пијано. Талентот за музика го наследила од татко ѝ Виктор, кој е магистер по безбедност, но исто така е и музичар со средно музичко – отсек хармоника.
Сепак, иако ја сака музиката, нејзината прва љубов е пишувањето. Таа секојдневно создава нови песнички, чита и постојано бара инспирација за нови творби.
Почнала да пишува на седумгодишна возраст, а веќе на осум години ја добива својата прва награда за освоено второ место на распишаниот конкурс по повод празникот на жената 8 Март. Досега учествувала на повеќе литературни конкурси, добитничка е на неколку награди, а за неа најголем успех е тоа што веќе ја издаде својата прва стихозбирка, со сликовница, која има наслов „Спомени од моето детство“. Во неа се објавени 44 песнички, секоја со своја илустрација, за да им биде поинтересна на младите читатели.

Уредничка на изданието и рецензентка е Вера М Самарјанин, жена хуманист, поддржувачка на младите таленти, која помогна да биде издадено делото на Драгана. Тоа е уште еден доказ дека секое дете може да си го оствари својот сон.
– Уште кога беше малечка, пред да заспие, постојано ѝ читавме книги на Драгана и слушајќи нѐ заспиваше. На пет години почна да изразува желба еден ден и таа да напише книга и родителите на своите деца да им ја читаат пред спиење. Јас како родител увидов дека Драгана има потенцијал, сама си создаваше реченици со рима и тоа ѝ беше многу забавно и интересно. Тука го увидов нејзиниот потенцијал. Најпрво купивме една тетратка и ѝ реков сѐ што ќе ѝ падне на ум да го запишува и бележи. Кога наполни седум години ја напиша својата прва песничка и веднаш освои награда за својата творба – вели Лејла, мајката на Драгана. Таа е дипломирана правничка, но и вљубеничка во книгата и пишаниот збор.
Драгана ја наоѓа инспирацијата за пишување во сето она што го сака, што се наоѓа околу неа, во нејзиното секојдневие…

Исто така, како што открива мајка ѝ, Драгана е многу одговорна, целосно посветена на училишните обврски, дисциплинирана е и упорна. Освен пишувањето и музиката, Драгана со леснотија го совладува целиот материјал и по другите предмети. Минатата година заедно со свои ученици таа беше наградена на Државниот натпревар по природни науки. Дружељубива е, има големо чувство на емпатија и многу сака да помага. Кога ќе порасне сака да биде пијанистка или писателка.

М.Т.


Калинка

Од пред многу векови посеана
за здравје и убавина
по валандовски полиња расеана,
црвената, сочна валандовска
калинка.
Неа ја сака цел свет и затоа
и е мирислив
секој нов цвет.
Црвена е ко жар
вистински валандовски дар.
Црвени сочни монистри
полни со витамини и многу бистри.

(Од книгата „Спомени од
детството“ на Драгана Рајкова)