Некои становишта на спикерот Гаши од собранискиот брифинг во врска со реформите во јавната администрација
- Спикерот на Собранието, Гаши, принципиелно најави дека новиот законски текст, кој ја става стручноста пред етничката припадност, ќе помине низ низа експертски дебати пред да биде изгласан. Додека Владата го испраќа предлогот до Собранието, со зелено светло за него дадено од страна на Венецијанската комисија, опозициската ДУИ веќе најави отпор
На донесувањето на новиот закон за соодветна и правична застапеност мора да му претходи сериозна и широка јавна дебата за да се дојде до квалитетно и одржливо решение. Ова е главната заложба што претседателот на Собранието, Африм Гаши, ја истакна при неодамнешниот редовен брифинг со новинарите. Тој потенцираше дека по 25 години од рамковниот договор, државата за првпат носи ваков закон, па затоа „неколку недели повеќе чекање“ не значат ништо доколку се добие подобар текст.
– Ќе иницирам, ќе предложам и ќе мотивирам да се организира дебата. Првпат по 25 години откако е донесен рамковниот договор се носи таков закон и би било добро да го реализираме од сите аспекти. Неблагодарно е да се прогнозира кога би се донел бидејќи тоа зависи од многу фактори. Би сакал дебатата да биде широка, повеќедимензионална, експертска, да биде почитувана процедурата и да се изрази волјата на пратениците. Треба да има повеќе отвореност, инпути, анализи. Ако може да го подобриме законот и со амандманите, би било во полза на законот. Идејата е да донесеме квалитетен закон, оти кај сме чекале 25 години, може уште неколку недели до почекаме. Барем таа димензија од Уставот да биде почитувана со квалитетен закон – истакна Гаши.
Компетентноста да биде приоритет пред етничкиот клуч како критериум
Новото законско решение, кое веќе доби позитивно мислење од Венецијанската комисија, воведува нова хиерархија при вработувањето во јавниот сектор. Според најавите од вицепремиерот Беким Сали, стручноста и компетентноста ќе бидат примарен услов, додека припадноста кон подзастапена заедница ќе се третира како секундарен критериум.
За да се спречат досегашните злоупотреби со лажно етничко изјаснување, законот предвидува:
– Верификација преку документи: Етничката припадност ќе се утврдува врз основа на личните карти или други јавни исправи.
– Доброволност: Граѓаните имаат право на слободно изјаснување, но и право воопшто да не ја наведат својата заедница.
– Ефективна еднаквост: Диференцијалниот третман ќе се применува само кај кандидати со еднакви квалификации, со цел да се обезбеди правична застапеност без да се наруши принципот на заслуги (мерит-систем).
ДУИ со критики, Собранието со процедурални дилеми
Додека владејачкото мнозинство го подготвува теренот за усвојување, опозициската ДУИ веќе најави дека ќе гласа против, нарекувајќи го законот „регресивен“. Нивните забелешки се однесуваат на отсуството на казнени одредби и фактот што институциите немаат стриктна обврска за етничка идентификација при секое вработување.
Дополнително, сè уште останува отворено прашањето дали за овој закон ќе биде потребно т.н. Бадентерово мнозинство, за што Гаши најави дека конечен збор ќе дадат собраниските стручни служби.
Редакциска опсервација
Квалитетот е единствениот клуч за здрава држава
Во вистински зрели демократски општества, етничките клучеви како механизам за вработување не само што се непотребни туку се и пречка за вистински напредок. Крајно време е да почне да се прави јасна разлика помеѓу две категории што кај нас често намерно се мешаат: општеството и државата.
Мултикултурноста и мултиетничноста се одлики на едно општество и во него секој треба да ужива во својата разноликост. Но тоа не значи дека таа разноликост мора по секоја цена и механички да се рефлектира во државните институции. Државата не е социјална категорија, етнички концерн, туку систем што бара ефикасност. Затоа и формулата на „етнички клуч“ при вработувањето во институциите не ја носи администрацијата на повисоко ниво, туку напротив, таа дополнително тоне во својата просечност предизвикувајќи генерално незадоволство кај граѓаните.
Она што ја прави една држава силна и функционална се само компетентни и квалитетни поединци што ја градат, симболично кажано, нејзината челична конструкција, односни цврсти институции. Државните институции имаат свои прерогативи за квалитет, кои не смеат да подлежат на политички или на етнички пазарења. На државата ѝ е потребна димензионирана, мала и ефикасна администрација, по урнекот на некои европски држави слични по бројност и големина со Македонија, а таа се гради единствено преку мериторниот систем – систем на заслуги, знаење и вештини.
Токму затоа на тоа треба да се гледа како на натпревар во кадри и способни поединци, а не нако на натпревар во етнички бројки, односно квоти, кој каде повеќе ќе напика партиски послушници. Од друга страна, кога ќе се избираат најспособните, тогаш бенефициите од таквиот професионален пристап ќе ги почувствуваат сите граѓани, без оглед на нивната етничка, социјална или образовна припадност.
Кога една институција работи според европските стандарди, дава навремени и квалитетни услуги, тогаш на граѓанинот што чека пред шалтер – без разлика дали е Македонец, Албанец, Турчин или Србин – нема да му биде важно кој стои од другата страна. Нему му е важно да добие брза и квалитетна услуга. Успехот на институцијата не доаѓа од тоа што внатре имало „претставници“ на заедниците, туку затоа што внатре работеле способни луѓе.
Како и да е, можеби требаше да биде направено многу одамна, но сега е крајно време некои работи да бидат начисто: општеството е простор за културен плурализам, но државата бара стандарди и норми. Само со раздвојување на овие два принципа ќе добиеме институции што навистина им служат на граѓаните, а не на етничките проценти. С.Т.

































