Кире Ристески е ученик во второ одделение во подрачното училиште во селото Врбоец, кое работи во рамките на ООУ „Никола Карев“ во Крушево. Тој е еден од учесниците на петтиот меѓународен фестивал „Математика без граници“, кој се одржува во есенски, зимски, пролетен и финален круг. Кире првпат учествуваше во зимскиот круг и доби сребрен медал – втора награда заедно со уште петмина други ученици од централното училиште и тоа: второодделенците Борис Николоски и Мартин Ристески, кои се второнаградени, Ели Ѓорѓиеска петто одделение, исто така со освоено второ место, шестоодделенецот Теодор Николоски, кој го освои првото место и Нико Доага седмо одделение, втора награда.

Се надеваме на одлични резултати и во следниот круг, со што учесниците ќе се пласираат во финалниот натпревар, што ќе се одржи во Бугарија.
– Во ова подрачно училиште има вкупно 15 дечиња во три одделенија: второ, трето и петто одделение од кои второ и трето се во комбинирана паралелка. Кире се истакнува со своите знаења и постигнувања, особено по предметот математика. Огромна е радоста кај Кире и кај другите ученици за постигнатиот успех, кој е и дополнителен мотив, како за учениците така и за наставниот кадар во ова училиште за уште поголемо залагање во процесот на нивното образование и воспитание – вели одделенската наставничка Сузана Божиновска.

Инаку, лани, како резултат на учеството и вклученоста на учениците во проектот од Меѓуетничка интеграција во образованието, подрачното училиште доби електронска паметна табла, што учениците и наставниците ја користат во реализација на наставниот процес.