Андреј Аврамоски (16) член на академијата на Металург од Кичево, беше прогласен за најдобар голман на неодамнешниот Меѓународен турнир во ракомет за млади, кој на 17 и 18 февруари се одигра во полскиот град Шафлари. Настапија помладите категории на водечките екипи од оваа земја, Шафлари, Мец, Либурса и Чарзанов, што е уште една потврда дека се работи за исклучителен талент, кој успешно го трасира својот спортски пат.

Андреј со своите одбрани ги воодушеви сите присутни на овој турнир, а најмногу тренерите на врвните полски клубови што нешто значат и во Европа, кои рекоа дека и во иднина ќе бидат во контакт со младиот спортист.

– Иако нашата екипа го освои последното место на турнирот, сепак јас бев прогласен за најдобар голман, а комплименти за моите одлични одбрани ми доделија и тренерите на екипите од Полска, кои на крајот се интересираа од каде доаѓам и каде настапувам, а дури ми ја побараа и мојата е-адреса, за да продолжат нашите контакти, што и мене лично пријатно ме изненади – рече скромниот Андреј, за кого се надеваме допрва ќе дознае и целиот ракометен свет.

Инаку, тој е ученик во втора година во СОУ „Ѓорче Петров“ во Прилеп, насока за физиотерапевти, каде што поради обврски во училиштето во текот на неделата тренира со академијата на Металург од овој град, а тренер му е поранешниот ракометар Гоце Макалоски.
Паралелно со стекнувањето на титулата физиотерапевт, тој планира да расте и во ракометот.

– Бидејќи за две години ќе го завршам средното училиште, планирам да продолжам во Скопје, каде што имам намера да студирам за физиотерапевт и да продолжам да тренирам во екипата на Металург, каде што очекувам да се изборам и за место во сениорскиот состав. Работам напорно, живеам спортски и не гледам никаква причина да не ги реализирам моите спортски планови-заврши Андреј.

Тој додаде дека негов спортски идол е голманот на данската репрезентација Ландин, а покрај него, меѓу најдобрите светски голмани го смета и вардарецот Арпад Штербик. З.А.