Фото: „Нова Македонија“

ГЕОПОЛИТИЧКИ МАКИЈАВЕЛИЗАМ НА БАЛКАНОТ

  • Грција најавува нова засилена иницијатива за забрзување на процесот на проширување на ЕУ, со посебен фокус на земјите од Западен Балкан. Како што пренесуваат грчките медиуми, официјална Атина планира да ја ревитализира својата водечка улога во регионот, потсетувајќи на значењето на „Солунската агенда“ од 2003 година. Наводно, новата стратегија на Атина има цел „да обезбеди појасна и побрза интегративна патека за државите од регионот, во време кога геополитичките предизвици во Европа наметнуваат потреба од поголема стабилност и единство“. Грчките дипломатски извори нагласуваат дека „Грција ќе дејствува како мост меѓу Брисел и Западен Балкан, лобирајќи за конкретни рокови и олеснување на пристапните услови, но со доследно почитување на владеењето на правото и добрососедските односи“. И може ли некој да не ја бендиса оваа политичка обланда на Атина? Одговорот е – ДА, може, токму оние што ја читаат Атина како „стар буквар“!

Надворешната политика на Грција одамна не се чита преку декларации, туку преку резултати. Јавната реторика е предвидлива: европски вредности, регионална стабилност, проширување на ЕУ… Но зад таа фасада стои систематска стратегија на селективен морализам и максимизирање на сопствена корист. Грција не игра европска игра. Таа ја користи европската сцена. Како?

ЕВРОПСКА МАСКА, НАЦИОНАЛЕН АПЕТИТ

„Солунската агенда 2003“ често се продава како историски момент на европска великодушност. Имено, таа се користи како маска, како преттекст, а не како визија. Во реалноста, таа функционира како дипломатски капитал што Грција го валоризира за себе две децении. Секоја нова иницијатива кон Западен Балкан се рециклира преку таа симболика, но со нови геополитички калкулации зад неа.
– Грчката дипломатија не греши затоа што е прагматична. Таа греши затоа што се претставува како принципиелна додека работи исклучиво по логика на интерес. Во Брисел, Атина користи европски јазик. Во Вашингтон, Атина користи трансатлантска лојалност, а во регионот, Грција глуми улога на „неопходен посредник“. Ова не е стратегија на баланс. Ова е стратегија на двојна добивка. И можеби, таа не греши, туку исклучително искусно и лукаво ги става своите интереси пред другите колективни и создава простор да може „да плива“ низ историјата користејќи ги во секој момент бенефициите што сама ги создава заради антиципирање на идните трендови што следуваат во историјата. Затоа и се одржува и тогаш кога најмногу долгува или е на погрешната страна на историјата, велат нашите соговорници.

АТИНА СО „ОПОРТУНИЗАМ ВО ПРИНЦИПИЕЛНА ОПАКОВКА“ – ГО КОРИСТИ ЗАПАДЕН БАЛКАН КАКО ПОЛИГОН, НЕ КАКО ПАРТНЕР

За државите од регионот, Грција се претставува како поддржувач на интеграцијата. Но таа во исто време е и филтер, арбитер и понекогаш „тивок но силен кочничар“. Секоја европска перспектива што поминува низ Атина, излегува редефинирана, побавна, поусловена и политички „приспособена“. За тоа нашата држава е жив сведок за „фините“ услови на кои наседнаа некои наши поранешни политички елити и бивши државници. Грција секогаш има потпора во најсилните западни центри на моќ на светот, со силни инсталации и лоби-групи. Така е и сега.
– Паралелното приближување на Грција кон САД не е случајност, туку систем. Да подвлечеме: енергетските договори, воената инфраструктура и регионалните безбедносни аранжмани ја позиционираат Грција како американски столб во источниот Медитеран. Но истовремено, таа останува формално „европски двигател“ во регионот. Оваа двојна игра не е рамнотежа, туку интелигентна арбитража меѓу две сили за сопствена добивка. Имено, во современата геополитика, влијанието не се мери со говори, туку со инфраструктура. Грција го разбира ова подобро од многумина во ЕУ. Пристаништа, гасни маршрути, воени бази… тоа се новите алатки на влијание. И секоја од нив ја зацврстува нејзината позиција како незаменлив посредник – подвлекуваат нашите соговорници.

ЛИЦЕМЕРСТВОТО НА ЕВРОПСКИОТ НАРАТИВ

Најголемата лицемерност и противречности во многугодишните, па и милениумски политики на Грција, се гледаат веќе и од авион. Грција бара европска солидарност, но практикува стратешки егоизам. Атина божем бара правила, но ги толкува флексибилно (последен пример е со системот ЕТИАС-влез/излез од ЕУ). Натаму, Грција бара европроширување, но го контролира темпото на проширувањето. Грција бара стабилност, но ја користи нестабилноста како инструмент на влијание.
– Грција е мала држава, но со силни сопствени амбиции и ситни егоистички сметки. Нејзината приказна не е приказна за морал. Нејзината приказна е за моќ, и тоа во регионот. Не повеќе од тоа. Грција е пример како мала држава може да игра голема игра, но не со визија, туку со калкулација. И секогаш со максимална дивиденда за себе, без оглед на регионалните асиметрии што ги создава – велат нашите соговорници.

Грчката дипломатија е уметност на маскирање

Грчката надворешна политика не е мистерија. Таа има една константа и методичност во одржување на таа константа.
– Грција има метод на постојано приспособување кон силата, со прецизно пакување во таканаречената европска реторика. И токму затоа, секоја нова нејзина иницијатива за Западен Балкан не треба да се чита наивно. Таа не е само политика на интеграција. Таа е политика на влијание, внимателно спакувана како политика на помош, поентираат нашите соговорници дипломати, кои ја завршуваат својата експликација со констатацијата дека „не треба да им се верува на Грците, дури тогаш и кога носат подароци (за евроинтеграција) – велат нашите ценети соговорници. П.Р.