„Струшките вечери на поезијата“ започнаа со дистрибуција на своите изданија до јавните установи. Во изминатиот период беше спроведена постапка што резултира со владина одлука 64 наслови од изданијата на СВП да им се дадат на трајно користење без надомест на други државни органи, правни лица основани од државата, здруженија на граѓани и фондации што имаат потреба од користење.
– По претходно спроведена јавна анкета, на установите што изразија заинтересираност за отстапување и трајно користење на изданијата на СВП, во соодветна постапка со владина одлука и по потпишување договори за давање на трајно користење веќе почнаа да им бидат доставувани комплетите од изданијата на СВП. Голем број универзитети, библиотеки, центри за култура, средни училишта, Институтот за македонски јазик, Институтот за македонска литература, Друштвото на писателите на Македонија и редица други установи ќе ги збогатат своите колекции со репрезентативните изданија на СВП во кои се вклучени добитниците на Златниот венец, добитниците на „Мостови на Струга“, преведените изданија на добитниците на наградата „Браќа Миладиновци“ и преостанатите изданија од нашата богата издавачка дејност – велат од „Струшките вечери на поезијата“.
Со оглед на тоа дека авторските права за изданијата на СВП се добиени без надомест за изданија исклучиво во промотивни цели и со ограничен тираж, тие не смеат да бидат предмет на слободна продажба, така што со овој чекор се зголемува достапноста на изданијата на СВП до пошироката публика.
Намерата е ова да се воспостави како редовна пракса, а во скоро време се планира целосна дигитализација на целокупниот книжевен фонд на СВП со обезбедување соодветна техничка опрема и обезбедување на авторските права, со што ќе се овозможи достапност до домашната и до меѓународната јавност.