Фото: Пиксабеј

Во гробници стари 11.000 години во Турција се откриени неверојатни детали на лицата на покојниците. Имено, откриени се украси за разубавување на телото. Анализата на покојниците покажала дека всушност станува збор за пирсинзи на лицето. Околу 100 камени украси биле пронајдени од археолозите во гробовите на неолитската локација Бончукл Тарла во Турција. Украси биле пронајдени само во гробовите на повозрасните покојници. Ова откритие укажува на најраната перфорација на лицето во Југозападна Азија.

Според новото истражување објавено во списанието „Антиквити“, орнаментите биле користени за перфорирање на телото, а исто така укажуваат на тоа дека биле користени во праисториските обичаи – ритуали на полнолетство. При археолошките ископувања, вакви орнаменти се најдени во близината на ушите и во ушните канали. Исто така, се откриени и во пределот на вратот или градите и во близината на брадата. Најмногу се направени од варовник, обсидијан или речни камчиња. Идентификувани се вкупно седум различни вида пирсинзи.
Разновидноста на орнаментите и нивната положба укажува на тоа дека тие биле изработувани и носени како пирсинг на увото и на долната усна. Пирсингот што се носел на долната усна е познат и како лабрет.

Тоа го поткрепува и анализата на скелетните остатоци, односно анализата на забите на покојниците. Научниците забележале знаци на абење на долните секачи, што се совпаѓа со историските и современите случаи на носење лабрети во различни култури.
– Понатамошното испитување на скелетите откри дека и мажите и жените имале пирсинзи, но само возрасните носеле украси во дупчињата. Немаше докази за постоење вакви украси во гробниците на децата – пишуваат авторите на студијата.
Ваквиот ритуал можеби имал цел да предизвика забележителна промена во личноста на поединецот кога таа достигнувала доба на зрелост. На пример, авторите објаснуваат дека „лабретите предизвикуваат значителна промена во начинот на кој човекот зборува, јаде и дише. Така, ова физичко зголемување произведува мултисензорна промена што ја перципираат и оној што го носи пирсингот и оној што го набљудува“. Авторите веруваат дека пирсинзите служеле, не само за естетски цели туку имале и општествено значење. Тие веројатно биле своевиден обред што се практикувал на преминот од адолесценција во зрела доба.