Од 2 до 8 април, Катедрата за современ танц при Филмската академија на универзитетот „Гоце Делчев“ им е домаќин на гости од Националниот универзитет за уметности „Џорџ Енеску“ од Романија, кои ќе работат заедно со студентите на УГД, под менторство на Санда Мавхима и Рисима Рисимкин. Студентите ќе работат заедно на истражувања во областа на танцот. Наедно, гостите од Романија ќе настапат со претставата „Опус 1-4“ во рамките на фестивалот „Танц фест“ утре, на сцената на Младинскиот културен центар.
Професорката Мавхима е среќна што оваа соработка се остварува и смета дека ова ќе биде извонредно искуство за нивните студенти, особено поради квалитетот на програмите што ќе ги следат на УГД, во соработка со нивниот оддел за танц. Посебно возбудување им е и настапот на ваков престижен и исклучително професионален фестивал како „Танц фест“.

– Многу се радувам на оваа соработка, бидејќи отвора едно ново поглавје за студентите на двата универзитета, што ќе им овозможи подобар развој, размена на искуства и стекнување нови знаења. Гостите од Романија се репрезенти на нивната современа танцова сцена и со нетрпение ја очекуваме нивната претстава во рамките на фестивалот „Танц фест“. Наедно се радуваме дека ќе имаме можност и ние да ги посетиме и да се претставиме со наши продукции кај нив. Универзитетот „Гоце Делчев“ постојано вложува во создавање нови односи на интернационално ниво, а Катедрата за современ танц е поврзана со повеќе европски и светски танцови универзитети и академии. Поврзувањето со Националниот универзитет за уметности од Романија е уште една можност за развој и потврда на нашите квалитетни програми, со кои стануваме престижни во рамките на танцовата уметност на интернационално ниво – вели Рисимкин.

Националниот универзитет за уметности „Џорџ Енеску“ (УНАГЕ) е првата уметничка високообразовна институција од Романија. Со над 1.500 студенти и 25 студиски програми, кои ги опфаќаат сите уметнички области, универзитетот ја зачувува и ја гради културата, придонесува за заштита и промоција на романското уметничко творештво, негувајќи и развивајќи вкус за автентично творештво.
Сандра Мавхима е асистент-професор доктор на науки на Националниот универзитет за уметности „Џорџ Енеску“, Јаши и соработник кореограф при Националниот балет во Сибиу. Дипломира на Националното балетско училиште „Флорија Капсали“ и на националниот универзитет за театар и кинематографија „И.Л. Карајале“. Нејзините претстави се изведуваат на големи настани и фестивали во Романија, Шпанија, Франција, Либан, Тајланд.

В.Д.