Музејот на современата уметност – Скопје во рамките на Интердисциплинарната програма продолжува со серија предавања.
Денеска, со почеток од 19 часот, предавање ќе одржат Лиа и Дан Пержовски, кое е насловено „Постојано репозиционирање, помеѓу локалното и глобалното“.
Влезот е бесплатен.
Дан Пержовски е светски познат автор, кој го користи цртежот преку голем број форми, цртежи на ѕид, цртачки перформанси, активистички цртеж, уметнички книги, проекти изведени во јавен простор, печатење и независно издаваштво. Пержовски има реализирано многубројни самостојни изложби во МОМА во Њујорк, „Тејт модерн“, „Макро Рома“. Од 2010 година, Пержовски го продуцира цртачкиот проект во јавен простор насловен „Хоризонтален весник“, во Сибиу, Романија.
Лиа Пержовска е истражувачка, уредничка и концептуална уметница. Таа е основачка на неколку платформи и институции како CCA – архивата за современа уметност Букурешт или КМ – Музејот на знаењето, како и ТСК – Телескопскиот простор на знаењето. Лиа Пержовска реализирала неколку самостојни изложби и учествувала на повеќе групни.