Повод: Истражувачка студија за влијанието на топлотните бранови како „нов структурен економски ризик“
- Проекциите од студијата се особено загрижувачки. Имено, до 2030 година економските загуби за најголемите европски економии би можеле да надминат половина билион евра. Најголем удар, според студијата, би можела да претрпи Франција со околу 210 милијарди евра
потенцијални загуби. Следуваат Италија со 129 милијарди, Германија со 120 милијарди и Шпанија со 105 милијарди евра. - Студијата извлекува заклучоци за климатските промени не навлегувајќи воопшто во причините за тоа што ги предизвикува, но за последиците се вели дека тие „веќе не претставуваат само еколошка тема туку и фактор што може да влијае врз економскиот раст, јавните финансии и конкурентноста на европските држави
Она што со години се сметаше за исклучок, денес станува правило. Екстремните жештини повеќе не се само климатски или здравствен проблем, туку сè поочигледно прераснуваат во структурен економски ризик што ги менува правилата на функционирање на европските економии. На тоа предупредува студијата изработена за осигурителната група „Алијанц“, чии заклучоци ги пренесуваат повеќе европски медиуми.
Топлотните бранови ја намалуваат продуктивноста и го менуваат начинот на кој ќе се планираат економијата, производството и трудот
Реакцијата на економистите во јавноста, во врска со направената студија, беше недвосмислена.
– Топлотните бранови веќе мора да бидат составен дел од секое сериозно деловно планирање. Од управувањето со човечките ресурси, преку организацијата на производството, до синџирите на снабдување и инвестициите во деловни објекти – жештините повеќе не смеат да се третираат како непредвидлива временска појава, порачуваат низа врвни економисти во неколку реномирани светски медиуми.
Имено, според споменатото истражување, економските последици започнуваат уште кога температурата ќе надмине 30 Целзиусови степени. Над таа граница продуктивноста на трудот опаѓа за околу три проценти со секој дополнителен степен, додека трошоците за електрична енергија, неопходна за ладење на работните простории и машините, растат за 1,2 проценти по секој степен.
– Овие бројки од сеопфатното истражување не се само статистика. Тие значат побавно производство, повеќе грешки во работниот процес, намалена ефикасност на работниците и сè почести прекини поради прегревање на машините и опремата. Во исто време, компаниите се принудени да трошат сè повеќе средства за климатизација и одржување на производствените капацитети. Така, жештините директно ги погодуваат и приходите и расходите на претпријатијата- велат економистите чие мислење го презедовме од повеќе европски медиуми.
Проекции за стотици милијарди евра загуби
Проекциите од студијата се особено загрижувачки. До 2030 година економските загуби за најголемите европски економии би можеле да надминат половина билион евра. Најголем удар, според студијата, би можела да претрпи Франција со околу 210 милијарди евра потенцијални загуби. Следуваат Италија со 129 милијарди, Германија со 120 милијарди и Шпанија со 105 милијарди евра. Овие бројки покажуваат дека последиците од климатските промени, не навлегувајќи воопшто во причините за тоа што ги предизвикува, „веќе не претставуваат само еколошка тема туку и фактор што може да влијае врз економскиот раст, јавните финансии и конкурентноста на европските држави“.
Европа се загрева побрзо од остатокот од светот
Дополнителна причина за загриженост е фактот што Европа денес е континентот што најбрзо се загрева. Според податоците наведени во анализата, температурите пораснале за околу 2,4 степени, што е речиси двојно повеќе од светскиот просек. Парадоксално, токму континентот што најбрзо се соочува со климатските промени е и еден од најмалку подготвените да се справи со нивните последици. Само мал дел од европските домови и деловни објекти располага со климатизација, што претставува сериозна структурна слабост. Особено се ранливи северните држави, каде што зградите традиционално биле проектирани да ја задржуваат топлината поради долгите и студени зими. Во новите климатски услови, оваа архитектонска предност се претвора во сериозен недостаток.
Последиците не завршуваат само со намалена продуктивност
Економистите предупредуваат дека вистинските последици од топлотните бранови се многу пошироки и повеќеслојни. Растот на цената на енергијата ја намалува профитабилноста на компаниите, што ги прави повнимателни при новите инвестиции. Намалените инвестиции пак значат побавно отворање нови работни места, послаб технолошки развој и постепено слабеење на конкурентноста на европската економија. Така се создава затворен круг во кој климатските промени го намалуваат економскиот потенцијал, а економското забавување дополнително ја отежнува адаптацијата кон новите климатски услови. Клучната порака на студијата е дека екстремните жештини е неопходно да се вкалкулираат како дел од системот за управување со ризици. Компаниите ќе мора однапред да планираат како ќе функционираат во услови на долготрајни топлотни бранови. Тоа подразбира поинаква организација на работното време, подобра заштита на вработените, инвестиции во енергетски поефикасни објекти, модерни системи за ладење и поотпорни синџири на снабдување. Прашањето повеќе не е дали ќе има нови топлотни екстреми туку колку европската економија ќе биде подготвена да ги издржи.
Предупредување за иднината
Студијата испраќа јасен сигнал дека климатските промени веќе не можат да се третираат како тема што му припаѓа само на еколошкиот сектор. Тие стануваат фактор што директно влијае врз економскиот раст, продуктивноста, инвестициите и животниот стандард. Европа влегува во период во кој високите температури ќе бидат дел од економската равенка исто колку што се каматните стапки, цените на енергијата или состојбите на финансиските пазари. Игнорирањето на оваа нова реалност би можело да чини стотици милијарди евра. Но, уште поважно, би можело трајно да ја намали конкурентноста на европската економија во време кога светот веќе влегува во нова економска и политичка епоха. Е.Р.































