Американскиот универзитет на Европа – ФОН, во четвртокот организира екоакција во Градскиот парк во Скопје, под слоганот „Младите за природата. Changing together“, преку која испрати порака до целата јавност дека грижата за животната средина е повеќе од неопходна за подобрување на животот за сегашните и идните генерации.
Во акцијата, покрај студентите од АУЕ – ФОН, учествуваа наставниот кадар и менаџментот, а своја поддршка дадоа и над сто средношколци од СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“, СЕПУГС „Арсени Јовков“, СУГС „Георги Димитров“, како и други членови на Унијата на средношколци.
Со волонтерската активност како дел од својата општествено одговорнa практикa, целта на Американскиот универзитет на Европа – ФОН е да покаже дека граѓаните во нашата земја повеќе не смеат да бидат само сведоци на општествените девијации, туку треба да преземат иницијативи за подобрување на светот во кој живеат. Овие акции претставуваат и одлична можност за градење блиски релации помеѓу вработените од универзитетот, помеѓу студентите, средношколците и сите други доброволци, односно можност за вмрежување за идна подобра соработка.
Со нашата активност упатуваме апел до јавноста, но и до носителите на одлуки, дека треба да се воспостави одржлив систем за управување со отпад. Нè радува фактот што младите генерации сè повеќе стануваат свесни за последиците што може да произлезат доколку не се грижиме за средината во која живееме. А со денешната акција потврдуваме дека секоја промена во општеството треба да биде иницирана поединечно од секого од нас. Сите имаме можност да придонесеме за поздрава животна средина и да се грижиме за зачувување на планетата Земја. Природата е дел од нас, ние сме дел од неа – и тоа нѐ обврзува да се однесуваме одговорно кон животната средина, практикувајќи одговорно работење во сите сфери од нашите активности – изјави Миранда Цаноска, директорка на Американскиот универзитет на Европа – ФОН.