Фото: Јованка Грозданоска

Во рамките на посетата учевме и како се цртаат колибри, дете, сонце, небо… Пишувавме убави зборови на таблата и кажувавме реченици за нив. Одекна и роденденска песна, па и заигравме.Децата беа пресреќни, рекоа дека часот им поминал за миг и нѐ поканија повторно да дојдеме. На крајот срдечно се заблагодаривме за убаво поминатиот ден и падна договор за уште една средба

„Колибри“ се дружеше со петтоодделенците од ООУ „Браќа Миладиновци“ во Миладиновци,
подрачно училиште во с. Мршевци, Скопско

Во годината во која „Колибри“ го одбележува својот 65-ти роденден, често другарувавме со децата од цела Македонија, па и пошироко. Сакајќи на вистински начин да ја заокружиме прославата, во средата бевме на гости во подрачното училиште „Браќа Миладиновци“ во селото Мршевци, Скопско, каде што ги посетивме петтоодделенците, вкупно девет на број, чија наставничка од прво одделение досега е Јованка Грозданоска.
И, како што е редот, однесовме подароци, весници „Нова Македонија“ со последното „Колибри“, маркери за книги со нашето лого, чоколатца и желба убаво да си поминеме. А знаевме дека ќе биде така, бидејќи ова е наша втора посета на ова училиште, малечко, ама зрачи со некоја убава енергија и ведрина, а тоа, секако, е заслуга на наставниците, директорот и на сите што се грижат наставата да се одвива како што треба.
Првата наша посета беше во април 2017 година, па затоа сега наставничката Јованка има нова генерација ученици.

Нѐ пречекаа: Мелани, Јана, Андреа, Илина, Ангела, Марко, Дамјан, Сара, Ана Марија, кои мирно седејќи на своите места ги цртаа и ги боеја листовите со птицата колибри, во најразлични бои, а Илина и Мелани веќе имаа напишано песничка и текст за карактеристиките на најмалата птица на светот, по која единствениот додаток за деца во дневниот печат во нашата земја го добил името пред точно 65 години. Кума му била првата уредничка и творец на списанието, поетесата Евгенија Шуплинова.

За наставничката Јованка 5+ од учениците

Потоа наставничката Јованка Грозданоска, која, како што и овој пат забележавме, децата многу ја сакаат и почитуваат ни го претстави подрачното училиште. И, замислете, таа ги учела и родителите на некои од сегашните ученици.
– Веќе 28 години сум дел од овој колектив и работата не би ја менувала за ништо на светот. Во моментот тука учат 42 деца, во комбинирана настава од прво до петто одделение и драго ми е што има три деца повеќе од лани. Тука учат децата од Мршевци и од соседното село Бучинци, а во рамките на матичното училиште во Миладиновци има уште едно подрачно училиште во селото Текија, каде што се опфатени и децата од селото Дељадровци. Морам да ги пофалам моите ученици, кои се добри и воспитани деца и многу ме слушаат. Се надевам дека како и претходните генерации ќе имаат добра основа да го продолжат успешно своето образование в година во матичното училиште во Миладиновци. Инаку, како награда јас често ги шетам децата во околните места, па и во Скопје. Ете, деновиве во план ни е посета на детскиот фестивал „Златно славејче“. Иако се добри по сите предмети, најмногу ги сакаат вештините, па така, сигурна сум дека уживаат во новиот предмет моделарство, како и во ликовно и на часовите по физичко. Наскоро ќе имаме и час по кулинарство, па сите заеднички ќе приготвиме нешто. Лани направивме супа и месевме леб – ни рече секогаш насмеаната и ведра наставничка Јованка Грозданоска.
А децата, кога ги прашавме со која оценка тие би ја оцениле својата наставничка, сите во еден глас рекоа: „Со 5+“!

Јованка има и талент за цртање, па во училницата ги насликала ликовите од бајките и цртаните филмови што им се омилени на децата. За овој проект, пред неколку години доби награда од Град Скопје.
Освен Грозданоска, персоналот на подрачното училиште во селото Мршевци го сочинуваат: Силвана Величковиќ, Габи Младеновска и Ивана Лазаровска. Сите одлично соработуваат, во што и самите се уверивме.

Минатата среда, кога бевме во Мршевци, во училиштето дојде и директорот на матичното ООУ „Браќа Миладиновци“, Дарко Петковски, со кого исто така поразговаравме. Потоа ги повикавме сите дечиња да излезат надвор и им поделивме примероци од списанието „Колибри +“. Секако, сето тоа го овековечивме со убава фотографија, како спомен од овој активен и шаренолик ден.
Директорот Петковски ни рече дека и во матичното и во двете подрачни училишта секој ден се одвиваат разни активности. Тој дополни дека има обезбедено бесплатен превоз за децата што патуваат до училиштето, а особено се гордеат со успесите што учениците ги постигнуваат секојдневно.

– Како училиште што е добитник на зелено екознаме, постојано имаме екопроекти и активности, а се трудиме да штедиме и енергија и постојано да го разубавуваме нашиот двор со зеленило. Горди сме и на успесите што во повеќе области ги постигнуваат нашите ученици, кои освојуваат награди по литература, математика, ликовно и други предмети. Активна и успешна е и спортската секција, а горди сме и на младите фудбалерки, не само во Скопје туку и во републички рамки. Секако успешна е и машката фудбалска екипа. Наградите и постигнувањата се многубројни, па токму затоа се наоѓаме меѓу најдобрите училишта во Македонија – ни рече директорот Дарко Петковски.

Часот помина за миг

По завршувањето на големиот одмор, учениците, без никој да им каже, веднаш седнаа на своите клупи во очекување што ќе биде следно и што ќе го правиме заедно.
За да се запознаеме подобро,секој ученик ни се претстави и ни кажа неколку збора за себе, за семејството и за омилените предмети на училиште и што сака да биде кога ќе порасне. Некои деца сакаат да бидат правници, економисти, фудбалери, ама и наставнички, фризерки и што уште не.
Мелани Димитриевска ни рече дека денот бил прекрасен, полн со активности, а и таа самата истражувала за колибри и ни напиша краток состав, кој го објавуваме. Од воншколските активности таа сака да игра фудбал во женскиот училиштен тим.
Јана Стојановска е од соседното село Бучинци, како и неколку други деца. Најинтересно ѝ било кога децата ги кажуваа песничките пред своите другари.
Андреа Јовановска вели дека нашата посета била весела и интересна и посакува повторно да се видиме. Интересно ѝ било кога кажувавме убави зборови, а потоа децата цртаа на таблата.

Илина Ристевски, која ја напиша убавата песничка за колибри, ни откри дека ја инспирирало тоа што колибрито е толку мала, а толку брза птица, со крилја во најубави шарени бои.
Ангела Богдановска уживала во интересната посета. Таа ни рече и дека ѝ е многу жал што ова е последна година кога ќе ги учи наставничката Јованка, за која има само пофалби.
Марко Трајковски, исто така се забавуваше за време на интерактивниот час. Тој сака да игра фудбал, а ги сака и часовите по англиски и математика. И тој е од Бучинци.
Дамјан Трајковски исто така многу сака да игра фудбал, а идол му Мбапе. За да ги оствари своите соништа, тој ја посетува фудбалската школа „Гроздановски“.
Сара Бојковска вели дека ги сака сите предмети, а сака и да чита книги. Убаво ѝ е другарувањето со сите деца во одделението.
Ана Марија Тошевска доаѓа во училиштето во Мршевци од Бучинци. Ни рече дека во нивното одделение секогаш владее убава атмосфера. Таа се дружи најмногу со Илина и со Сара, а од предметите најмногу сака ликовно.
Потоа наизуст децата ни изрецитираа и песничка за Македонија, од авторот Саво Костадиновски, наш долгогодишен соработник, која ја има во нивните читанки за петто одделение.

Учевме и како се цртаат колибри, маче, куче, дете, сонце, небо… Пишувавме убави зборови на таблата и кажувавме реченици за нив. Одекна и роденденска песна, па и заигравме. Децата беа пресреќни, рекоа дека часот им поминал за миг и нѐ поканија повторно да дојдеме.
На крајот срдечно се заблагодаривме за убаво поминатиот ден и падна договор за уште една средба.


Колибри

Птицата колибри е најмала на свет
со мали крилца слатки како мед.
Таа со нив замавнува брзо
и слетува така на растение прво.

Со клунче мало,
милно и јазик долг,
од најубавите цветови
во најразлични бои,
нектарот го шмука
додека срцето
многу брзо ѝ чука.

Шарени бои на крилјата
има и мало вратче
со голема сила.
Со разни инсекти
таа се храни
и дечињата свои така ги рани.

Напишала: Илина Ристовски,
петто одделение во
ООУ „Браќа Миладиновци“,
с. Мршевци,
општина Илинден – Скопје


Срцето на птицата колибри чука најбрзо на светот

Колибријата се птици што го сочинуваат биолошкото семејство Trochilidae. Со околу 366 вида и 113 рода, тие се јавуваат од Алјаска до Огнената Земја, но повеќето видови се наоѓаат во Централна и Јужна Америка.
Колибријата се многу мали птици. Најмалите колибри, кои истовремено се најмал вид птици воопшто, Mellisuga helenae, заедно со клунот и пердувите на опашката се долги само шест сантиметри. Најголем вид е Patagona gigas, а големи се околу 25 сантиметри. Поголемиот број колибри имаат шарени пердуви, по правило со метален сјај.
Колибријата имаат многу голема фреквенција на замавнување со крилјата, дури до 80 замавнувања во секунда. Тоа им овозможува лет на страна и наназад, а можат да лебдат во воздухот во едно место. Уште една особина на птицата колибри е што има осум пара ребра, другите птици имаат по шест. Срцето им работи со 400-500 удари во минута, дури и кога одмораат, а најбрзото отчукување на срцето изнесува 1.260 удари во минута. Бројот на вдишувања во минута им е 250. Додека спијат, драстично им се смалува фреквенцијата на удари на срцето.

Подготвила: Мелани Димитриевска, петто одделение во
ООУ „Браќа Миладиновци“, с. Мршевци, општина Илинден – Скопје


Визија, мисија и цел на OОУ „Браќа Миладиновци“ од с. Миладиновци

Општинското основно училиште „Браќа Миладиновци“ се наоѓа во селото Миладиновци, општина Илинден, а има и две подрачни училишта во селото Мршевци и во селото Текија. Во него учат околу 440 ученици, претежно Македонци и мал процент Роми.
Според вработените, ова екоучилиште е пријатно катче за стекнување знаења, воспитување и толеранција помеѓу учениците, родителите и вработените. Има заложби за еднакви можности за раст и развој за сите деца, како и за подобри услови за работата на училиштето, унапредување на мултикултурната соработка и помагање на учениците од социјално ранливите категории. Во иднина, велат од училиштето, ќе се залагаат и за создавање поквалитетна клима за работа и за подобар училиштен успех.
– Целта ни е училиште по мера на детето, со употреба на современи нагледни средства, кои овозможуваат интересна, истражувачка и креативна настава – порачуваат првите луѓе на училиштето.