Тревога во светот на сајбер-безбедноста: Битно намалена способноста на институциите во европските земји да докажат дали документите што ги издале, ги поседуваат или ги архивираат воопшто се оригинални и веродостојни
- Сериозните безбедносни пропусти во PHP, програмскиот јазик што го користат милиони веб-страници, поттикнаа стравувања дека хакерите, со помош на вештачката интелигенција, ќе можат да откриваат и да искористуваат безбедносни ранливости побрзо отколку што експертите ќе успеат да ги отстранат
- Сајбер-нападите не ги загрозија само компјутерите и податоците туку и самата способност на институциите да докажат дали одредени
документи што ги издале, ги поседуваат или ги архивираат воопшто се – оригинални?! Деновиве Европа (на затворена средба во Брисел) се
прашува што се случува кога државите членки ги имаат сите документи во дигитална форма, а повеќе не може со сигурност да докажат дека тие се автентични, непроменети и веродостојни? Поради актуелноста на низата сериозни напади и штетата направена во дигиталната сфера, месецов доби прекар „црниот октомври“
Деновиве, во срцето на ЕУ, во Брисел, се отвори едно многу интересно прашање, во истиот момент кога повеќе носители на високи функции од своите матични држави донесоа вести дека многубројни документи, поради хакерски напади биле компромитирани, видоизменети или избришани… Таквите околности, во кои токму деновиве се откриени сериозни безбедносни пропусти во PHP, програмскиот јазик што го користат милиони веб-страници, поттикнаа стравувања дека воопшто не е проблем да се пробијат и да се искористуваат класифицирани документи, но и неовластено да се влегува во дигиталните архиви на институциите на државите со завиден степен на дигитализација и дека на такво високо ниво се воочени ранливости што експертите тешко ќе успеат брзо да ги отстранат. За ова прашање, деновиве разговаравме со наш извор од Брисел, вработен во администрацијата на ЕУ.
Државите може да преживеат пожар во архивата, но дали ќе преживеат тивко фалсификување на сопствената дигитална меморија?
Според соговорникот од ЕУ-администрацијата, „предупредувањата од Брисел за агресивните сајбер-напади и за можноста вештачката интелигенција да открива софтверски слабости со невидена брзина се предупредување и за институционалната безбедност“.
– Опасноста не е само некој да ги украде документите или да ги „заклучи“ серверите, туку и некој неовластено да ги измени, да ги избрише трагите или да ја наруши автентичноста на нивната содржина. Најопасниот напад можеби нема да го урне системот, можеби ќе го остави да работи, додека никој не забележува дека неговата вистина е компромитирана – ни изјави изворот, на почетокот на разговорот.
Кога документот останува, а доказот исчезнува
Електронскиот потпис, временскиот печат и контролната криптографска вредност можат да помогнат во докажувањето на интегритетот, но само ако се правилно применети, независно проверливи и заштитени од компромитирање.
– Ако клучевите за потпишување бидат украдени, ако дневниците на активностите можат да се препишуваат или ако резервните копии се поврзани со истата нападната инфраструктура, институцијата може да остане со податоци, но без убедлив доказ за нивната веродостојност. Последиците би биле далекосежни. Имено, спорни имотни права, неизвесност околу јавните набавки, нарушени финансиски траги, компромитирани службени предмети и сомнеж во автентичноста на одлуките што ја обврзуваат државата. Судскиот систем би можел да се соочи со документи чија содржина е оспорена, администрацијата со записи што не може сигурно да се реконструираат, а граѓаните со прашањето дали електронската потврда што ја добиле навистина го докажува она што им било ветено. Не мора секој напад да заврши со вакво сценарио за ризикот да биде сериозен. Доволно е институциите да немаат механизми навреме да откријат што е изменето, кога е изменето и кој имал пристап. Особено ранливи можат да бидат архивите што со години се префрлале од еден систем во друг, без целосна документација за миграцијата, без проверка на интегритетот и без јасна одговорност за долгорочното чување. Дигитализацијата, сама по себе, не е гаранција за модерна и безбедна држава; таа може само да ги претвори старите административни слабости во побрзи, пошироки и потешко забележливи проблеми – вели наш извор, вработен во администрацијата на ЕУ во Брисел, кој лично учествувал на средба за координација во врска со бранот сајбер-напади какви што досега не се забележани во земјите на ЕУ и појавата што доби свое име – „црниот октомври“.
Европската дигиталност под опсада: Институциите мора да почнат да ја мерат според способноста за зачувување, проверка и обнова на доказите на кои се темели нивното работење
Уште поголем ризик претставува зависноста од надворешни технолошки доставувачи, застарен софтвер и системи што никој не ги проверува сè додека не се појави инцидент, вели нашиот соговорник од Брисел, додавајќи дека во вакви околности, сајбер-безбедноста не може да биде споредна ставка во буџетот, ниту прашање што се решава со купување сервери и инсталирање антивирусна програма.
– Потребни се одделени и непроменливи резервни копии, повеќеслојна контрола на пристапот, редовно ажурирање, независни безбедносни проверки, криптографска верификација и документирани постапки за обновување на системите по напад. Еднакво е важно секоја институција да знае кои записи се критични, колку долго мора да се чуваат, како се докажува нивното потекло и кој е одговорен за нивната автентичност низ годините. Воопшто не сум анахрон со својот став, но мора да кажам дека сум поборник на тоа секоја држава да мора да располага и со план за работа во услови кога дигиталните системи се недостапни, бидејќи прекинот на електронската инфраструктура не смее автоматски да значи прекин на кореспонденцијата, управувањето и основните јавни услуги. Во спротивно, еден успешен напад може да предизвика институционален застој што ќе биде многу подолг од самото техничко отстранување на проблемот како што се недоверба, судски спорови, скапа реконструкција на податоците и долготрајно докажување на она што претходно било неоспорно. Затоа институциите мора да почнат да ја мерат според способноста за зачувување, проверка и обнова на доказите на кои се темели нивното работење – истакнува нашиот соговорник.
Без веродостојна меморија нема правна сигурност
Во оваа битка, дигиталниот отпечаток не е техничка ситница, туку еден од инструментите со кои може да се утврди дали документот останал непроменет; но ни тој не е магична гаранција ако недостигаат сигурно управување со клучевите, доверливи временски ознаки и независна ревизија. Најголемата заблуда би била да се поверува дека податоците се безбедни само затоа што се зачувани во т.н. клауд (облак), на современ сервер или во систем означен како „заштитен“.
– Без проверлив синџир на чување, јасна трага на секоја промена и можност за независна потврда на автентичноста, електронскиот документ може да остане читлив, а неговата доказна вредност да стане спорна. А кога документите ќе станат спорни, не се загрозува само технологијата туку и правната сигурност на граѓаните, континуитетот на институциите и довербата во државата. Не дека нема да се појават нови напади, сигурно ќе ги има, но прашањето е дали институциите ќе бидат подготвени да ги откријат навреме, да го ограничат штетното влијание и да докажат дека нивните записи останале веродостојни. Затоа заштитата на дигиталните архиви мора да се третира како прашање на национална отпорност, а не како изолиран проблем на информатичките одделенија. Физички отпечаток или печатен документ, засега е неопходно да се има, дури и во најдигитализираните држави на ЕУ. Некои тоа и го прават за сензитивни документи и нивно архивирање. Затоа што државата што не може да ја гарантира веродостојноста на сопствената дигитална меморија ризикува да ја изгуби контролата не само врз своите податоци туку и врз доказите со кои ја потврдува сопствената вистина. И за ова постојат стандарди, вклучително и обезбедување физички опиплива архива, затоа што барем засега, и во тековниов месец, ајде и јас да го наречам „црн октомври“, за многу од соговорниците на средбата во Брисел не беше доволно што се прашаа каде исчезнаа документите, туку ќе мора веќе да прашуваат и дали документите што им останале во архивите и при кореспонденцијата воопшто се вистински и веродостојни – со доза хумор го завршува брифингот нашиот соговорник во Брисел, кој ни обрна внимание на најновата „тревога во Брисел“. Р.С.
Апел за засилување на дигиталната безбедност по бранот сајбер-напади низ Европа
Европската Унија издаде предупредување за намерен обид за нарушување на синџирот на снабдување со храна по најновиот бран сајбер-напади врз големи супермаркети во барем 10 европски држави (Белгија, Луксембург, Холандија, Естонија, Финска, Република Ирска, Германија, Шведска, Италија и Португалија), повикувајќи на засилување на мерките за дигитална безбедност.
Нападите предизвикале значителен пораст на температурата во фрижидерите и замрзнувачите, со што трговците биле принудени да фрлат големи количества од храната што била чувана во нив. Слични напади се случија пред три недели кога на ваков начин беше попречена работата на стотици продавници за прехранбени производи во Франција, што исто така предизвика големи загуби на храна и финансиски штети од десетици милиони евра.
Британскиот центар за сајбер-безбедност, пак, предупреди дека Велика Британија би можела до 2028 година да се соочи со хакерски напади врз клучната инфраструктура, изведени со помош на вештачка интелигенција (ВИ). Р.С.
































