- Во старите монашки преданија се раскажува дека еден млад послушник го прашал својот старец како може да знае дали навистина ја сака Црквата. Старецот го одвел до една древна црква, чии ѕидови биле напукнати од времето. „Што гледаш?“, го прашал. „Гледам пукнатини, влага и оштетени камења“, одговорил младиот монах. Старецот молчел, а потоа рекол: „Ако ги гледаш само пукнатините, ќе посакаш да ја урнеш. Ако ги гледаш светителите што се молеле во неа со векови, ќе посакаш да ја зачуваш“. Оваа едноставна поука вреди да се запамети и денес кога се водат жестоки расправи за Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Зашто МПЦ не е само институција што носи одлуки и што управува со епархии. За многу генерации Македонци таа е духовен дом, историска меморија и сведоштво за опстојувањето на еден народ. Токму затоа загрижува кога сè почесто наместо желба да се зајакне сопствената црква, во јавноста се појавуваат обиди таа да биде исправана, насочувана и оценувана според туѓи мерила и туѓи интереси
Постои една опасна појава што сè појасно се гледа во македонскиот јавен простор. Луѓе што никогаш не покажале особен интерес за црковниот живот, одеднаш станаа најгласни толкувачи на тоа како треба да се однесува Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Уште позагрижувачки е што дел од тие гласови не се задоволуваат со критика, туку отворено се обидуваат да ја насочуваат, да ја дисциплинираат и да ја преобликуваат МПЦ-ОА според сопствени политички и идеолошки агенди.
Вчера, дел од македонската јавност ги стави на обвинителна клупа односите на МПЦ со Српската православна црква при доделувањето на томосот за автокефалност на МПЦ-ОА од страна на Порфириј, српскиот патријарх. Денес, тоа се контактите со Руската православна црква. Утре, тоа ќе биде некој владика што кажал нешто што не им се допаѓа на одредени кругови. Во суштина, пораката е едноставна: тоа е обид за нејзино потчинување.
Особено лицемерно звучат обвинувањата на дел од јавноста во кои се тврди дека некои владици биле „недоволно наклонети кон Вселенската патријаршија, која била првата меѓу еднаквите и единствена релевантна за доделување на автокефалијата“!?
Истите тие критичари упорно избегнуваат да одговорат на едно суштинско прашање за тоа како македонските верници да останат рамнодушни кога со години истата таа „прва меѓу еднаквите“ го доведува во прашање правото на една црква јасно и недвосмислено да го носи името „македонска“, онака како што е историски и канонски определено? Бидејќи тоа не е обична административна формулација. Тоа не е прашање на суета. Тоа е прашање на историски континуитет и идентитет.
Тие би сакале МПЦ да биде признаена, но без да биде македонска. Би сакале да постои, но без своето име. Би сакале да биде дел од православното семејство, но без правото отворено да сведочи кој народ го претставува и од која историска традиција произлегува.
Таквата логика не нуди решение. Таа бара откажување. Во целата оваа дебата намерно се заборава една непобитна историска вистина. Македонската православна црква не е вештачка конструкција создадена во нечија политичка лабораторија. Таа е наследник на Охридската архиепископија, институција што со векови била духовен центар на православните христијани на овие простори. Но уште поважно, во современата историја МПЦ стана еден од клучните столбови на македонскиот национален опстанок.
Во времињата кога се негирале македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската самобитност, црквата беше меѓу ретките институции што ја чуваа свеста за припадност и континуитет. Затоа за огромен број Македонци прашањето за МПЦ никогаш не било само верско прашање.
Токму тука се крие најголемото недоразбирање на оние што површно ја анализираат ситуацијата. Тие ја гледаат МПЦ како обична црковна администрација. Македонскиот народ ја доживува како дел од сопствената историска биографија.
МПЦ е многу повеќе од канонски статус, епископи и други црковни лица и црковна дипломатија. Таа е жива врска меѓу денешниот Македонец и вековното наследство на Охридската архиепископија. Во нејзините храмови се крштевале, се венчавале и се испраќале своите блиски генерации Македонци. Во нејзините манастири се чувала верата кога бил загрозен идентитетот. Токму затоа, за голем дел од народот, секој удар врз МПЦ не се доживува само како напад врз една верска институција туку како удар врз колективната меморија на нацијата.
Затоа обидите да се оттурне МПЦ од некои цркви и да се турне кон други, обидите да ѝ се диктира кои пријателства се прифатливи, а кои не се, на крајот не се ништо друго, освен форма на безобѕирно мешање.
Иронијата е што истите луѓе што најгласно зборуваат за независност и суверенитет, кога станува збор за МПЦ, често покажуваат изненадувачка желба таа да биде зависна. Независна држава сакаат, независна црква не сакаат. Автокефалност поддржуваат, но само кога носи одлуки што ним им се допаѓаат.
Вистинскиот тест за почитување на автокефалноста не е кога се согласуваме со црковните одлуки. Вистинскиот тест е кога го почитуваме правото црквата самостојно да ги носи.
Македонската православна црква нема потреба од самопрогласени старатели. Нема потреба од политички комесари што ќе одредуваат кој е доволно православен, кој е доволно европски, кој е доволно источен или западен. И најмалку од сè има потреба од Македонци што под изговор на модернизација и интеграција ќе ја убедуваат да се откажува од сопственото име, својата дијаспора или од своето историско наследство.
На крајот, прашањето не е дали МПЦ ќе има добри односи со СПЦ, со Руската православна црква или со Вселенската патријаршија. Прашањето е дали Македонците ќе имаат доволно мудрост да ја препознаат сопствената црква како вредност што треба да се заштити, а не како бојно поле за туѓи интереси.
Вистинската опасност за МПЦ не доаѓа однадвор. Таа доаѓа тогаш кога самите Македонци почнуваат да ја гледаат сопствената црква низ очите на оние што со децении ги оспоруваа македонското име, македонскиот јазик и македонската самобитност. Историјата нè учи дека народите ретко ги губат своите институции преку еден удар. Ги губат постепено, преку сомнеж, потценување и рамнодушност. Затоа денес прашањето не е дали ќе ја браниме Македонската православна црква. Прашањето е дали ќе ја браниме идејата дека Македонците имаат право на свои институции, свое име и на свој историски континуитет. Ако попуштиме на тоа поле, тогаш спорот нема да биде само за името на црквата. Тогаш повторно ќе биде отворено прашањето за самото македонско постоење.
Бидејќи кога еднаш ќе се прифати дека името на црквата може да биде предмет на туѓо одлучување, тогаш лесно стануваат предмет на преговарање и народот, и јазикот, и историјата. Затоа, одбраната на Македонската православна црква не е прашање на црковна политика, туку прашање на национално достоинство. А достоинството, како и слободата, најчесто не се губи одеднаш. Се губи чекор по чекор, отстапка по отстапка, сè додека еден ден не сфатиме дека сме се откажале од она што претходните генерации го создавале, го чувале и го бранеле со векови. Тогаш веќе нема да зборуваме само за статусот на една црква. Ќе зборуваме за цената на сопствената рамнодушност и за моментот кога сами сме дозволиле да ослабат темелите врз кои почива македонскиот духовен, културен и национален идентитет. А кога ќе се разнишаат тие темели, не се тресе само една институција. Се тресе целата куќа што генерации Македонци ја граделе низ вековите. И затоа, пред да ја судиме сопствената црква, треба да се запрашаме дали доволно сме направиле да ја зачуваме. Зашто црквата што денес некои лесно би ја менувале според туѓи очекувања, можеби е последниот бедем што сè уште сведочи дека на овие простори постои народ што не се откажал од своето име, својата вера, својата историја и од своето право да биде свој.
































