Дивна Пешиќ Грозданов најдобра во категоријата „Апстрактен експресионизам“ на „Американ арт авордс“

На престижниот меѓународен натпревар „Американ арт авордс 2026“, моето дело „Воздигнувањето на интелигенцијата“ (The Ascendancy of Intelligence), масло на платно, 72×60 инчи, го освои првото место во категоријата „Апстрактен експресионизам“! Иако ова не е моето прво светско прво место во мојата 34-годишна ликовна кариера, чувството на радост, исполнетост и гордост е секогаш непроценливо! Особено кога знам дека зад секој мој успех стои и името на мојата Македонија, напиша уметницата Дивна Пешиќ Грозданов на социјалните мрежи.
Македонската уметница и поранешна олимпијка Дивна Пешиќ Грозданов постигна извонреден меѓународен успех, освојувајќи го првото место на светски признатиот натпревар „Американ арт авордс“. Таа триумфира во категоријата за „Апстрактен експресионизам“ со своето импозантно дело во техниката масло на платно, насловено „Воздигнувањето на интелигенцијата“.
Овој успех има огромна тежина на глобалната уметничка сцена, со оглед на строгата селекција и исклучително силната конкуренција на самиот натпревар.
Манифестацијата „Американ арт авордс“, која ја предводи познатиот американски уметник, актер и писател Том Бирдз, годинава привлече уметници од дури 69 земји. Она што го прави овој натпревар уникатен и високопрофесионален е начинот на кој се избираат победниците во вкупно 50 категории. Оценувањето го врши стручно жири составено од претставници на 20-те најреномирани галерии во САД (од Аризона и Калифорнија, па сè до Флорида). Процесот се одвива преку т.н. слепо жирирање – до галериите се испраќаат исклучиво дигитални фотографии од делата, нивните димензии, наслови и техниките во кои се изработени. Жирито нема никаков пристап до фотографиите на авторите, нивните биографии, националност или пол. Целта на овој систем е целосно да се елиминираат субјективните влијанија и да се вреднуваат единствено чистиот квалитет и првичниот визуелен импакт на делото.

Победничкото дело на Пешиќ Грозданов (со димензии 72×60 инчи) уште еднаш го лансираше во преден план нејзиниот автентичен уметнички правец наречен „дивнизам“. Овој стил е карактеристичен по тоа што авторката воопшто не користи традиционални четки, туку боите и формите на платното ги обликува директно со своите прсти, создавајќи уникатна текстура и силна емоционална динамика.
Делото „Воздигнувањето на интелигенцијата“, како што споделува уметницата, ја отсликува растечката моќ на свеста, стратегијата и внатрешната мудрост. Преку динамично апстрактно движење, сликата ја истражува тивката доминација на интелигентниот ум во рамките на еден мистериозен и постојано променлив универзум.
Ова не е прво признание за македонската авторка на овој натпревар, но освојувањето на највисокото место во исклучително популарната категорија „Апстрактен експресионизам“ ги потврдува нејзината постојаност и реноме меѓу светските уметници. По официјалното прогласување на победниците кон крајот на октомври, наградените дела ќе бидат претставени во серија меѓународни уметнички публикации и специјален филмски преглед со кој се промовираат најдобрите современи светски уметници за оваа година. С.Ј.