Вие ни јавувате
Ученици од скопското ООУ „Лазо Трповски“ освоија награда на Меѓународниот училиштен натпревар за воздушен и вселенски сообраќај 2024, кој традиционално се одржува во Берлин, Германија.
Заедничкиот проект изготвен од учениците од 4-в одделение, насловен „Летаме со ’ербас‘“, беше координиран од двајца наставници во својство на ментори, Александра Неделковска-Петровска и Стефан Симовски.
Натпреварот го организира Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин во соработка со Сојузното министерство за економија и енергија на Германија, Сојузната конференција за образование и истражување на Германија, „Луфтханза техник АД“ и концернот ЕАДС (во чиј состав влегува и познатиот производител на патнички авиони „Ербас“).
Конечната одлука во врска со наградите на овој екипен меѓународен натпревар за ученици од трето и четврто одделение годинава ја донесе деветчлено стручно жири составено од претставници на организаторот Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин, универзитетски професори (астрофизичари), наставници, германски владини претставници, германски парламентарци, медиумски работници и претставници на концернот „Ербас“.
Подетални информации во врска со натпреварот може да најдете на официјалната веб-страница на организаторот на натпреварот www.skyfuture.de
Учеството на овој меѓународен натпревар, ООУ „Лазо Трповски“ го реализираше како воннаставна активност.
Стефан Симовски, предметен наставник по германски јазик
во ООУ „Лазо Трповски“-Скопје