Фото: ЕПА
  • Амбицијата е дека сѐ уште сакаме да ја видиме првата жена возач како го освојува првенството во Ф1. Не велам дека првата жена шампион во Ф1 не би бил апсолутно метеорски настан, но всушност првата жена што ќе биде на стартната линија на некој начин ќе има еднаква важност, бидејќи ја легитимира идејата дека тоа може да биде мешан спорт. Мислам дека она што го правиме е уникатно. Ќе биде комбинација од нас, од повеќе тимови и од други системи за поддршка, и сите ќе мора да работиме заедно за да успееме, вели Том Стентон, извршен директор на непрофитната глобална
    програма „Повеќе од еднакви“, чија основачката цел е „да се идентификува, да се развие и да се поддржи првата жена светски шампион во Формула 1“

Алексија Даниелсон имала 14 години кога првпат возела автомобил од Формула 1 (Ф1), модифициран „вилијамс“ од 2007 година, во сопственост на семеен пријател. Сега има 17 години и се натпреварува во серијата Ф4 во Централна Европа, каде што меѓу ривалките е и 15-годишната Ела Хакинен, ќерка на некогашниот двоен светски шампион во Ф1, Мика Хакинен, поддржана од Мекларен, Швеѓанката се надева дека еден ден ќе биде на стартот за гран при, пишува агенцијата „Ројтерс“.
– Не мислам дека ништо не е невозможно, само треба навистина да се стремите кон тоа. Колку долго? Немам поим – изјави за „Ројтерс“ Даниелсон, моментно 26-та меѓу 49 на табелата.
Таа е една од многуте што бркаат сон што само мал број ќе го остварат. А во претходните 50 години, само мажите успеале да стигнат до крајот. Се навршува половина век откако жена последен пат се тркаше во светското првенство во Ф1, а чекањето изгледа далеку од завршено, пишува „Ројтерс“. Извршниот директор на Ф1, Стефано Доменикали, изјави во 2024 година дека не гледа дека тоа ќе се случи во следните пет години.

„ПОВЕЌЕ ОД ЕДНАКВИ“ БАРА ПРОМЕНА

Даниелсон, чиј татко Алкс ја освои Светската серија во 2006 година со Рено, веќе е елитна тркачка, една од избраната група што е потпомогната од „Повеќе од еднакви“, иницијатива основана во 2022 од поранешниот тркач во Ф1, Дејвид Култхард, и од чешкиот милијардер Карел Комарек, пишува „Ројтерс“. Основачката цел на непрофитната глобална програма беше „да се идентификува, да се развие и да се поддржи првата жена светски шампион во Ф1“.
– Ние не сме тркачки тим, немаме сјајни автомобили со сјајни налепници, ние не сме тркачка серија. Она што го правиме е да градиме возачи,и така се вклопуваме во екосистемот – рече за „Ројтерс“ извршниот директор Том Стентон.
Нема сомнение за посветеноста на избраните, ниту за свеста за тоа колку ќе биде тежок избраниот пат како што популарноста на спортот експлодира. Даниелсон почнала да вози картинг на шест години, а од 13 години автомобили. Други се преселиле далеку од дома, некои на други континенти, исто како што направиле некои сегашни возачи на Ф1 на слична возраст, за да напредуваат. Стентон рече дека кога „Повеќе од еднакви“ ја почна програмата за развој на возачки, оние вклучени знаеле дека има планина за искачување. Две години подоцна, повеќе личи на Еверест, но барем базниот камп е јасно воспоставен.
Серијата „Академија Ф1“, поддржана од Ф1, целосно за жени, која ефикасно ја замени претходната серија „В“ и со која „Повеќе од еднакви“, има партнерство, исто така, го крена профилот со трки за време на избрани викенди на гран при во програмата за поддршка, пишува „Ројтерс“. Британката Аби Пулинг ја освои титулата во „Академијата Ф1“ во 2024 година, како и една трка во Британската Ф4. Таа, исто така, беше победничка во шампионатот ГБ3 годинава. Французинката Доријан Пин, ланската шампионка, оттогаш тестираше автомобил на Мерцедес Ф1.
– Почнува да има повеќе жени возачи. Исто така, тие имаат подобри резултати. Мислам дека тоа е една од работите, како што жените возачи почнуваат да бидат поконзистентни кон врвот на натпреварувањето, повеќе луѓе ќе ги забележат. И тоа е благослов и проклетство затоа што тогаш почнуваат очекувањата – вели Стентон.

ПЛАТФОРМА ЗА ИДЕНТИФИКУВАЊЕ НОВИ ТАЛЕНТИ

„Повеќе од еднакви“, го создаде „ФјучрЛап“, платформа што ги анализира податоците од првенствата во картинг и во јуниорски едноседи за да идентификува таленти во развој, мажи и жени, кои инаку тешко би можеле да бидат забележани, а почна и студија со Универзитетот во Портсмут за да се унапреди разбирањето на женската ергономија во Ф4, пишува „Ројтерс“.
– Она што го гледаме е дека има повеќе жени возачи што доаѓаат. И не е дека ги немаше. Само што не можевме да ги видиме бидејќи резултатите не се означени по пол. Андреа во Велика Британија е женско име. Во Италија тоа е машко име – рече Стентон, пренесе „Ројтерс“.
Првата група од шест избрани од „Повеќе од еднакви“ беше одредена од 1.000 кандидати. Вториот прием од осум дојде од 1.500.
– Амбицијата е дека сѐ уште сакаме да ја видиме првата жена возач како го освојува првенството во Ф1, мислам дека треба да признаеме и дека има голем број првенства по патот, кои се од навистина еднаква важност. Не велам дека првата жена шампион во Ф1 не би бил апсолутно метеорски настан, но всушност првата жена што ќе биде на стартната линија на некој начин ќе има еднаква важност, бидејќи ја легитимира идејата дека тоа може да биде мешан спорт. Мислам дека она што го правиме е уникатно. Ќе биде комбинација од нас, од повеќе тимови и од други системи за поддршка, и сите ќе мора да работиме заедно за да успееме – рече Стентон. Н.М.