Светската антидопинг-агенција (ВАДА) ѝ стави крај на тригодишната суспензија на Руската агенција за борба против допингот (РУСАДА). Деветмина од 12-члениот Извршен комитет (ИК) на ВАДА гласаа за укинување на суспензијата, двајца беа против, а еден воздржан.

– Руската антидопинг-агенција во минатите три години соработуваше со нас и на увид ни ги даде сите медицински картони на нивните спортисти – ја образложи оваа одлука претседателот на ВАДА, Креј Риди. Адвокатот на рускиот информант и поранешен шеф на московската лабораторија, Григориј Родченков, чии докази помогнаа за суспендирање на руската агенција, тоа го нарече „најголемото предавство против чистите спортисти во историјата на олимпизмот“.

– САД непотребно ги трошат своите пари со продолжување на финансирањето на ВАДА, која очигледно не е способна да го реши проблемот со допингот што го спонзорира Русија – изјави Џим Валден.

Руската антидопинг-агенција (РУСАДА) беше суспендирана во 2015 година поради наводниот државен допинг и откако беше обвинета за прикривање злоупотреба на недозволени супстанции, во периодот кога беше домаќин на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 2014-та во Сочи. Русија постојано негираше дека спроведува допинг-програма спонзорирана од државата, не дозволи целосен пристап и ја задржа контролата врз московската лабораторија.