Ливерпул играше во стилот на Барселона, отворено, со висок пресинг, напаѓачки, со поголем посед на топката, но не умееше да ги искористи своите шанси. Меси, пак, иако добро покриван во поголемиот дел од мечот, постигна два гола и е најзаслужен за триумфот со 3-0 на првиот полуфинален меч во ЛШ

Ливерпул беше подобар тим, доминираше на теренот, имаше поголем посед на топката (52,4 наспроти 47,6 насто), создаде неколку изгледни шанси за гол (Садио Мане и Џејмс Милнер при 1-0, Роберто Фирмино и Мохамед Салах во иста акција при 3-0 за Барселона), но немаше реализатор од калибарот на Лионел Меси, кој иако добро покриван во поголемиот дел од мечот од фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), беше трпелив и ги дочека своите минути и шанси.
Меси постигна два гола во второто полувреме (првиот, 500-ти за Барса во ЛШ е дело на Луис Суараз, поранешен играч на Ливерпул) на првиот полуфинален меч во ЛШ, на стадионот „Ноу камп“ против Ливерпул (3-0), по што каталонскиот тим практично е финалист, иако во фудбалот ништо не е невозможно.

– Меси постојано ме изненадува. Немам поим како му успева тоа да го прави, но, за среќа, најчесто тоа го прави во вистинските моменти, кога е најпотребно – го пофали својот сонародник, Аргентинецот Ернесто Валверде, тренер на Барселона.

Аргентинецот стигна до бројката од 600 погодока за Барса на 683 официјални натпревари (првиот го постигна пред точно 14 години, на 1 мај 2005 против Албасете), од кои 26 се на 33 натпревари против шест англиски тима во ЛШ, 14 повеќе од кој било друг фудбалер. Омилени тимови му се Севилја (постигна 36 гола), Реал (26) и Еспањол (26). Меси има 112 гола во ЛШ, 15 помалку од рекордните 127 на Кристијано Роналдо, кој пред неколку дена исто така ја достигна границата од 600 гола во кариерата.

– Голот беше прекрасен, но малку имав и среќа, бидејќи топката заврши токму во десниот горен агол – беше скромен Меси, кој сега има 42 гола од слободен удар.
Пофални зборови за ефектот на Меси имаа и голем број поранешни фудбалери, сега во улога на стручни коментатори, како Рио Фердинанд, Дарен Флечер, Роби Севиџ, Гари Линекер, но и актуелни играчи, како Дани Алвес и други.

– Тоа што го видовме беше еден од најдобро изведените слободни удари на сите времиња. Тој генијалец ѝ пркоси на секоја логика – напиша Линекер на Твитер.
Барселона ја продолжи серијата до 32 меча без пораз дома во ЛШ (29 победи и три ремија) и е втората екипа што постигнува 500 и повеќе голови во ЛШ (вкупно 502). Поуспешен е само најтрофејниот, Реал Мадрид, со 551 гол.

Ливерпул играше во стилот на Барселона, отворено, со висок пресинг, напаѓачки, но не умееше да ги искористи шансите. Менаџерот на „црвените“, Јирген Клоп, изјави дека неговите фудбалери „не можеле да одиграат многу подобро“.

– Им кажав на момците дека сум горд на тоа како одиграа. Задоволен сум, бидејќи да се игра вака против тим како Барса воопшто не е едноставно. Но, на крајот, кого го интересира тоа, фудбалот се игра за да се постигнуваат голови, ние сме поразени со 0-3, тоа мора да се прифати. Но овој меч е добра поука за моите фудбалери, ќе им ја покажувам снимката за да видат дека кога се игра храбро, директно, кога се создаваат шанси сѐ е можно – рече Клоп, додавајќи дека нема да се предадат однапред.