Како фестивал ја гледаме оваа програма како можност за развој на децата во креативна насока и нивен развој и во насока на комуникацијата. Оваа програма им овозможува да се запознаваат со деца од други средини и од други култури, преку танцот да се дружат и да се забавуваат, што сметаме дека е од непроценливо значење за нив, велат организаторите

Во рамките на годинашната програма на фестивалот „Танц-фест“ ќе се одржи програма за деца, „Танцуваме со Виталија“ во која покрај деца од Македонија, ќе учествуваат и деца од Кина и од Холандија. Децата од „Аварнес“, танцовиот театар од градот Лешан од Кина, пристигнаа во Скопје и ќе имаат заеднички работилници за танц со децата од Македонија. Ним им се придружија и децата од „Новиот танцов центар“ од Хаг, Холандија и на сцената „Зебра“ имаа заедничка работилница за современ танц.

– Како фестивал ја гледаме оваа програма како можност за развој на децата во креативна насока и нивен развој и во насока на комуникацијата. Оваа програма им овозможува да се запознаваат со деца од други средини и од други култури, преку танцот да се дружат и да се забавуваат, што сметаме дека е од непроценливо значење за нив – велат од „Танц-фест“. Сите гости присуствуваа на претставата за деца „Зик Зак Пуф“ на швајцарската компанија „Мафалда“ во Македонскиот народен театар во 18 часот. Децата настапија со посебна програма во домот на култура „Ацо Шопов“ во Штип, а денеска ќе го посетат „Македонско село“, каде што повторно ќе се дружат и ќе настапат сите заедно.

Претставата „Зик Зак Пуф“ е наменета за деца од тригодишна возраст нагоре и за нивните родители. Таа е современа колоритна бајка, во која постојат, чудни, различни суштества што меѓусебно се сретнуваат. Низ заедничко искуство тие сфаќаат дека иако се различни можат да општат и да комуницираат и да гледаат предизвик во таа можност. Разбираат дека нивната снага е во здруженоста и заедно ги надминуваат сите препреки и откриваат нови перспективи дури и во најчудните ситуации. Претставата ни прикажува различни имагинативни карактери, кои низ прецизни епизоди ја раскажуваат приказната и создаваат незаборавна атмосфера и несекојдневно доживување. Тереза Ротемберг е кореографка со богато и многу различно искуство во сопствените креации.

Таа е постојана кореографка на танцовата компанија „Мафалда“ во Цирих, која е основана во 1999 година. Во последно време нејзиниот фокус е на креирањето претстави за деца и за тинејџери, со кои патува низ светот. Ротемберг е многу активна и во општествениот придонес преку својата работа со аматери, тинејџери и со деца. Работи и како гостинка-кореографка во познати танцови компании, а се јавува како кореографка и во театарски продукции и опери. Ротемберг создава кореографии за оперски претстави во продукции на многу познати оперски куќи, меѓу кои и Виенската опера, Операта на Цирих, како и Паришката опера.

За претставата „Зик Зак Пуф“ ја добива престижната аргентинска награда за уметност „Атина“. Компанијата „Мафалда“ под уметничко водство на тереза Ротемберг со години ја фасцинира публиката со своите невообичаени, некогаш наративни, некогаш апстрактни, со извонредна фантазија и визуелен пристап. Компанијата во изведувачкиот процес прави комбинации на извонредни виртуозни креации, како и исполнета атмосфера со хумор, поетика и сопствена естетика, во која комичноста и трагичноста се неретко едни до други.