Русија извршува воздушни операции во Сирија од септември 2015 година: воздухопловната база Хмеимим

Џонатан Спаер

Крајната цел на Москва не е победа на сирискиот лидер Башар ал Асад туку заштита на руските интереси, а тие значат понатамошно поткопување на Западот секаде во светот и одржување добри работни односи со други регионални сили, како Турција и Израел. Резултатот е поделена Сирија

Сирија сè повеќе чекори кон замрзнат конфликт и кон де факто поделба, придружена со постојаниот тивок воен судир и со функционалната, но тромава политика. Ова можеби цело време беше целта на рускиот претседател Владимир Путин, кој почнуваше и потоа менаџираше такви замрзнати конфликти секаде во светот, вклучувајќи ги Грузија и Украина.
Другите важни играчи во Сирија, како што се Израел, САД, Турција и преостанатите сунитско-арапски бунтовници, исто така можеби ќе бидат задоволни од ваквата нова реалност. Од друга страна, најголеми губитници ќе бидат режимот на Башар ал Асад и Иран.

Кои се индикациите дека Сирија се движи во насока на замрзнат конфликт? Да ја земеме предвид неодамнешната посета на сирискиот претседател Башар ал Асад на Русија, каде што оствари средба со Путин. На прес-конференцијата по состанокот, Путин изјави за новинарите дека „по значајните успеси на сириската армија во борбата против тероризмот и со активирање на политичкиот процес, странските сили стационирани во Сирија ќе почнат да се повлекуваат од државата“. Ова сигнализира дека рускиот претседател не беше заинтересиран да му помогне на режимот на Асад за повторно да ја освои Сирија во целост. Без руската воздушна поддршка, врз која сириската војска се потпираше во главните борбени операции (вклучувајќи ги опсадата на Алепо и уништувањето на бунтовнички контролираната источна Гута), ваквото повторно освојување ќе биде невозможно.

Некои шпекулираа дека Путин мислеше само на повлекување на странските сили што се борат против режимот. Во минатото, Москва настојуваше да направи разлика меѓу нејзиното присуство во Сирија (по покана од „легитимните“ сириски власти) и непоканетото присуство на други странски елементи. Сепак, поради оваа околност, рускиот пратеник во Сирија, Александар Лаврентиев, објасни дека претседателот мислел на „сите странски воени сили стационирани во Сирија, вклучувајќи ги американските, турските, иранските сили и Хезболах“.
По руската изјава следуваше гневен одговор од Техеран. Портпаролот на иранското министерство за надворешни работи, Бахрам Касеми, изјави пред новинарите во Техеран дека „никој не може да го натера Иран да реагира. Сè додека постои тероризмот и додека сака сириската влада, Иран ќе биде присутен во Сирија“.

Спротивните изјави се само еден показател меѓу многуте разлики меѓу Москва и некои од нејзините сојузници околу иднината на Сирија. Исто така тука е и премолчената согласност на Москва за неодамнешните масовни израелски воздушни акции против иранските цели во Сирија и очигледно нејзината согласност за Турците да формираат голема енклава во северозападна Сирија. Во меѓувреме, Асад го одби рускиот план за составување нов сириски устав што ќе ја ограничи неговата моќ. Начинот на однесување на Москва на други места покажува дека не ѝ пречи да ги одржува нерешените конфликти по релативно ниска цена. На пример, во Украина, конфликтот во регионот Донбас е далеку од решен. Со тоа што држи делови од провинциите Донецк и Луганск, Русија гарантира дека може да ги наруши внатрешните работи на Украина кога ќе посака и дека нејзините планови и стратегија се најитното прашање со кое ќе се соочи секоја украинска влада.

Секако во Сирија, Русија ја поддржува Владата наместо бунт по нејзина мера како во Украина. Но Москва сега јасно покажува дека нејзините интереси не се совпаѓаат во целост со оние на Асад.
Ова не беше веднаш очигледно кога рускиот авион првпат прелета преку сириското небо на 30 септември 2015 година. Ова беше бурно поздравено со триумфални статии во регионалните медиуми што им се наклонети на Иран и на Хезболах. Во статијата во либанскиот весник „Ал акбар“ на тогашниот уредник Ибрахим ал Амин, беше најавено раѓањето на сојузот „4+1“, кој требаше да ги вклучува Иран, Ирак, Сирија на Асад, Хезболах и Русија. Денешната реалност покажува многу посложена слика.
Русија во голема мера се чини дека јасно стави до знаење што сака во Сирија. Нејзината интервенција го спречи сигурниот пораз на режимот на Асад во 2015 година. Оттогаш, целосно се промени судбината на режимот. Тој сега контролира околу 60 отсто од сириската територија. Последните енклави под контрола на Исламска држава во близината на Дамаск беа напуштени пред две недели. Нема никаква опасност од победа на бунтовниците. Русија ја докажа ефикасноста на бруталната воздушна тактика и вооружените системи, како и релативните вештини и посветеност на модернизираната армија. Таа го зачува интегритетот на поморските бази во Тартус и во Латакија, како и воздухопловната база Хмеимим. Таа јасно покажа дека Москва се држи до своите сојузници. Исто така, таа ликвидираше многу севернокавкаски џихадисти што се вклучија во бунтот.

Но Путин не е многу заинтересиран за позицијата што Ал Амин, уредникот наклонет на Хезболах, му ја понуди, а тоа е лидер на милитантниот шиитски блок во регионот. Наместо тоа, Москва сака да се наметне како главен моќен посредник во сирискиот контекст и адресата преку која сè мора да помине во процесот на остварување на целите. Секако, за сето ова да успее, Русија мора на секоја вклучена страна да ѝ го даде тоа што го посакува наместо да им возврати со сила.
Русија сака да го зачува и да го зголеми јазот меѓу Турција и членките на НАТО. Од оваа причина, Москва се согласи на формирање на турско-сунитска исламистичка енклава во северозападна Сирија, која ќе се протега од градот Џараблус на исток и ќе заземе поголем дел од провинцијата Идлиб. Турција актуелно се наоѓа во последните фази на изградбата на 12 набљудувачки пункта околу Идлиб. Турскиот вицепремиер Реџеп Акдаг неодамна отфрли секакво враќање на освоената област Африн на режимот на Асад.
Турците немаше да ги спроведат операциите за формирање на оваа енклава без тактичката дозвола на Русите, кои го контролираат воздушниот простор над северозападна Сирија. Секако, режимот смета дека турските акции се кршење на суверенитетот. Но без руската моќ, не може ништо да се постигне.
На југ, Москва генерално ги игнорираше големите израелски воздушни акции против иранските капацитети. Руската воздушна одбрана не направи обиди да интервенира. Путин јасно покажа по скорашната средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Москва дека Русија во моментов нема намера да му го продаде системот за воздушна одбрана „с-300“ на режимот на Асад.

Иран го притискаше режимот да изврши напад на преостанатите бунтовнички енклави во југозападна Сирија. Пристигнувањето на ирански поддржаните единици на границата сепак ја зголемува шансата за голем израелски одговор. Русија не е заинтересирана за таков исход, кој може да ја втурне Сирија во нова војна и да се закани по придобивките што веќе ги постигна режимот на Асад. На истокот, Русија не брза да го предизвика американското присуство и нивните сојузници во 30 отсто од територијата на Сирија што тие ја контролираат источно од реката Еуфрат.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео го предизвика Иран во неговиот говор, покажувајќи дека американската војска нема да се повлече од позициите во источна Сирија во скора иднина. Таа област претставува бариера за соседната област со која доминира Иран што се протега преку Ирак до Либан и до границата со Израел, а клучните американски сојузници вклучувајќи ги Израел и Саудиска Арабија очигледно се надеваат дека САД ќе ја задржат контролата врз неа како алатка за понатамошен притисок врз Техеран. Американски претставници неодамна се сретнаа со командантите на Сириските демократски сили во спорниот град Манбиџ западно од Еуфрат и побараа понатамошна поддршка на САД за претежно курдските сили.
Која е целта на сето ова? Откако Русија ги постигна своите цели во Сирија, сега сака да ја балансира својата поддршка за режимот на Асад со други интереси, имено со понатамошно поткопување на Западот на други места во светот и одржување на работните врски со други регионални сили, вклучувајќи ги Турција и Израел. Во меѓувреме, САД и Израел главно се насочени на предизвикот од регионалниот напредок на Иран. Резултатот ќе биде поделена Сирија, која ќе служи како сцена на која ќе се спроведуваат несириските агенди, геополитичка ситуација за која Русија има огромно искуство за да се снајде.

Авторот е истражувач во Институтот за стратегиски студии во Ерусалим

Сојузници со различни интереси? Плакати со фотографии од Асад
и од Путин на протест на сириски демонстранти