Фото: Маја Јаневска-Илиева/Архива

Оценувачите во овој период ги прегледуваат тестовите во училишта, кои се држат во тајност за да нема ургенции и притисоци

На 13 јули треба да бидат објавени резултатите од државната матура по предметите што матурантите ги полагаа овој месец. Оценувачите во овој период ги прегледуваат тестовите во училишта, кои се држат во тајност за да нема ургенции и притисоци.
Во Државниот испитен центар (ДИЦ) велат дека прават напори резултатите да бидат и порано од предвидениот датум со правилникот.

– Можно е да бидат објавени и пред 13 јули, ќе видиме. Секој незадоволен кандидат ќе има право да поднесе приговор – информираат од ДИЦ.

Оваа година по предметот мајчин јазик, есејот беше даден на слободна тема, наместо да е од конкретен литературен правец како што беше практика во изминатите години.Државна матура во Македонија се полага околу една деценија. Имаше ветувања во минатото дека државната матура ќе се полага на компјутери наместо на хартија, но тоа никогаш не се случи поради дотраеноста на компјутерите, кои државата пред неколку години им ги купи на училиштата.

На крајот вообичаено секогаш просечниот успех од матурата е тројка. Она што е чудно е фактот дека матурантите покажуваат подобри постигнувања по предметот англиски јазик, наместо по мајчин јазик, иако мајчин јазик имаат по четири пати во неделата.
Неколку министри досега најавуваа дека ќе направат анализи за да се види зошто постигнувањата по англиски се подобри од мајчин јазик, но анализа досега никој не направил, вклучувајќи го и Државниот испитен центар, како институција задолжена за организирање и реализација на државната матура.