Порака во шише, фрлена во морето во 1969 година, неодамна беше пронајдена на Алјаска, за што беше известен и испраќачот.

– Тилер Иванов, барајќи дрва за огрев, триесетина километри западно од своето родно село Шишмарево нашол зелено стаклено шише со порака стара половина век – објави Би-би-си.
Писмото било напишано на руски јазик, а тој на својата фејсбук-страница објавил апел за превод на пронајдениот текст. Набргу дознал дека на пораката пишува: „Искрен поздрав од матичниот брод на руската флота ВРХФ Сулак.

Го поздравувам оној што ќе го најде шишето и го замолувам пораката да ја достави на адресата: Владивасток – 43, ВРХФ Сулак. Ви посакувам добро здравје и долг живот, но и среќна пловидба, 20 јуни 1969 година“, стои во пораката.
Оваа приказна ја пренесоа и руските медиуми, кои го открија името на авторот. Тоа е капетанот Анатолиј Ботсаненко.

– Морав силно да ја повлечам тапата за да го отворам шишето.
Дури ги користев и забите за да успеам во тоа. Интересно е дека внатрешноста на шишето беше сува и сѐ уште мирисаше на вино – изјавил тој за весникот „Ноум нугет“.
Кога капетанот Ботсаненко, кој денес има 86 години, бил известен за пронаоѓањето на шишето со порака, наводно, почнал да плаче од радост.

За рускиот ТВ-канал Русија 1 потврдил дека ја напишал навистина тој.
Инаку, капетанот ја надгледувал изградбата на Сулак во 1966 година и со овој брод пловел до 1970 година.

А среќниот пронаоѓач Тилер Иванов напишал на својот профил на Фејсбук оти е многу убаво што ова негово мало откритие прераснало во интернационална приказна и оти можеби во иднина и тој ќе пушти некоја порака во шише во морето.