САД лани биле најголеми увозници на вино во парична вредност, увезувајќи вино во висина од 5,7 милијарди долари. САД и Британија биле водечки пазари за овој вид пијалак, при што двете земји увезле по повеќе од 300 милиони галони вино (еден американски галон е 3,78 литри).

Двата големи пазари се соочуваат со потенцијални неизвесности поради царинската војна на американскиот претседател Доналд Трамп и брегзит, посочуваат експерти.

Винарите во Европа будно ја следат ситуацијата, откако Трамп најави царини на разни европски производи во вкупна вредност од 25 милијарди долари, меѓу кои и на виното, сирењето и маслиновото масло. Брегзит исто така ги вознемирува компаниите што увезуваат вино на пазарот во Британија. Тамошните здруженија предупредуваат дека потрошувачите би можеле да ги почувствуваат ефектите од евентуален брегзит без договор, што би можело да значи и зголемување на цените на вината на Островот.

Додека Британија и САД се големите увозници што се соочуваат со можни трговски тензии, Германија го зазема тронот според увезеното количество вино. Германија лани увезла 383 милиони галони вино, најмногу од која било друга земја, според извештајот на ОИВ. Земјите во светот лани вкупно увезле речиси 7,7 милијарди галони алкохолни пијалаци, пренесува „Статиста“.