Музичкиот дел на годинашново издание на „Рок-фест“ има три вечери. В петок е натпреварувачката вечер, додека, пак, втората и третата вечер в сабота и в недела, се од ревијален карактер, каде што ќе свират веќе етаблирани бендови што зад себе имаат подолг музички стаж на домашната рок-сцена

Традиционалната манифестација „Рок-фест“, која ќе се одржува викендов во Младинскиот културен центар во Скопје, покрај музичката програма, ќе има и дополнителни содржини што ќе ја збогатат тридневната рок-дружба. Во рамките на придружните содржини, годинава ќе биде проектиран документарен филм, кој ќе биде прикажан в петок од 19 часот во фоајето на киното „Фросина“ со почеток во 19 часот. Проекцијата ќе биде бесплатна. Освен тоа, во холот на Младинскиот културен центар ќе биде поставена изложба на фотографии, која ќе стои додека трае фестивалот.

Документарниот филм „Рокенролер борн лузер“, реализиран според сценарио и режија на Аљоша Симјановски, во продукција на Македонската телевизија, снимен уште во 1987 година. Во оваа 45-минутна документарна сторија свои видувања и размислувања, за можностите и оправданоста за рокенролот како професионална ориентација, говорат рокери од неколку генерации: Коце Икономов, Димитар Чемков-Циме, Денки и Зоко Павловски, Армен Сурмејан, Марио Липша, Даниела Панчетовиќ, од групите „Бисери“, „Безимени“, „Вихори“. Исто така тука ќе може да се видат и Благоја Трпковски-Трте и Златко Стојановски-Леткум од „Триангл“, потоа членовите на „Пацифисти“, Аријан Дема-Љани и Данаил Дарковски од славниот бенд „Пу“, како и Кокан Димушевски, Бодан Арсовски, Гарабет Тавитјан и Влатко Стефановски од „Леб и сол“, но и многу други македонски музичари од таа генерација.
Ретроспективната изложба на фотографиите, кои се дел од архивата на „Рок-фест“, опфаќа стотици фотографии, плакати, летоци, влезници и други рекламни материјали од претходните 30 изданија на фестивалот. Тоа практично ќе биде еден хронолошки приказ на развојот на „Рок-фест“, на бендовите што настапувале на оваа манифестација, но и на македонската рокенрол-сцена воопшто.

Инаку, музичкиот дел на годинашново издание на „Рок-фест“ има три вечери. В петок е натпреварувачката, каде што ќе настапат скопските „Фикшн“, „Антиарт“, „Конспираси“, „Метаноја“ и битолскиот рок-бенд „Саундвејвс“. Додека трае пребројувањето на гласовите, ќе свири групата „Гаргојлес“ од Скопје, кои ќе бидат надвор од натпреварувачка конкуренција, односно ќе бидат гости на оваа вечер. Втората и третата вечер на „Рок-фест“, в сабота и в недела, се од ревијален карактер, каде што ќе свират веќе етаблирани бендови што зад себе имаат подолг музички стаж, а имаат и објавено албуми. На 28 април ќе настапат домашните „Визија“ и „Стил темпл“, кои своите почетоци ги направија токму на овој фестивал. Интересно е што оваа вечер ќе има и гости од соседството. Од Србија доаѓа бендот „Патриас“, додека, пак, од Грција групата „Резистанс“. На 29 април ќе настапат кумановскиот состав „Морфеј“, како и скопските „Блек енд вајс соушл клаб“ и „Никеја“.
Картите за „Рок-фест“ веќе се пуштени во продажба на билетарницата во МКЦ и тие чинат по 200 денари за секоја вечер поединечно.