Весна Ефтимов од скопската населба Хром има најубаво уреден двор

Градот ги избра најдобрите на јавниот конкурс за избор на најеколошка компанија, најголем придонес во областа на заштитата на животната средина, најубаво уреден двор од индивидуално домување, колективно домување и институција и најубав состав и цртеж на тема екологија за ученици од основните и од средните училишта.
„Греен БСН Македонија ДООЕЛ увоз-извоз Скопје“ е најеколошка компанија, фирма со успешна примена на ИСО 14001 и придонес кон зачувување на животната средина. Оваа компанија е добитник на наградата во износ од 45.000 денари.
Евдокија Солева е наградена со исто толкав износ во категоријата за избор на најголем придонес во областа на заштитата на животната средина и природата, добитничка на наградата за книгата „Стандардот ИСО 14001 и неговата примена“.
Весна Ефтимов од скопската населба Хром има најубаво уреден двор и е наградена, а за двор на институција победник е ООУ „Наум Охридски“ во Црешево. Победниците во оваа категорија ќе добијат награда во износ од по 40.000 денари.

Наградата за најубав состав на тема екологија за ученици од основните училишта отиде во рацете на Ева Јовановска, VIII-Б одделение, ОУ „Григор Прличев“. Меѓу пријавените состави од ученици од средните училишта најубав беше составот на Дијана Дурлевиќ, III година, САБА – Средношколска академија за бизнис. Двете ученички добиваат награди од по 10.000 денари.
Во категоријата за избор на најубав цртеж на тема екологија за ученици од основните училишта добитник на наградата во износ од 10.000 денари е Максим Дамјановски, III-В одделение, ОУ „Кирил Пејчиновиќ“.