Археолозите веруваат дека откриле еден од изгубените египетски „храмови на сонцето“, кој датира од средината на 25 век пр. н.е. На локалитетот биле пронајдени посмртни останки закопани под друг храм во Абу Гураб, околу 19 километри јужно од Каиро. Откритието на Масимилијано Нуцоло, доцент по египтологија на Институтот за медитерански и ориентални култури во Варшава и неговиот тим, беше претставено во емисијата „Изгубеното богатство на Египет“ на „Нешнл џиографик“.
Уште во 1898 година, археолозите што работеле на локалитетот го откриле Храмот на сонцето на Ниусере, фараонот што владеел со Египет помеѓу 2400 и 2370 година пр. н.е. Новите откритија објавени за време на неодамнешната емисија сугерираат дека бил изграден на врвот на остатоците од друг сончев храм.
– Археолозите од 19 век ископале само мал дел од оваа зграда од тули и кал под камениот храм на Ниусере и заклучиле дека ова била претходна фаза во изградбата на истиот храм. Сега нашите наоди покажуваат дека ова била сосема поинаква зграда, подигната пред Ниусере – изјави Нуцоло за „Си-ен-ен“.

Меѓу наодите се наоѓаат печати со изгравирани имиња на кралеви што владееле пред Ниусере, кои некогаш биле користени како затворачи за тегли, како и основи на варовнички столбови, кои биле дел од влезниот трем, и варовнички праг.
– Оригиналната конструкција била целосно направена од тули од кал. Додека овие храмови биле посветени на култот на богот на сонцето Ра, кралот ја легитимирал својата моќ преку храмот и се претставил како единствениот син на богот на сонцето на Земјата. Индиректно, според тоа, главната цел на храмот била да биде место за обожавање на живиот крал – вели Нуцоло.
Историските извори сугерираат дека биле изградени вкупно шест такви храмови, но само два биле претходно ископани.