Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес со комедијата „Вдовицата се мажи“ од 25 до 31 мај ќе настапи на интернационалниот театарски фестивал „Руска класика“ во Москва. Претставата е во режија на Младен Крстевски, а е адаптација на едночинката „Мечка“ од Антон Павлович Чехов, која ја следи приказната за вдовицата Попова. Таа седум месеци е во траур по смртта на сопругот и одбива да излезе од имотот и да прима посети. Комуницира само со својот лакеј Лука и вработените на имотот. Кај неа ненадејно доаѓа Смирноф, артилериски поручник во оставка и кредитор што си ги бара назад парите, кои му ги должи покојниот сопруг на Попова.

Сценографијата за претставата е на Филип Коруновски, костимите се на Катерина Чукниева, а изборот на музиката на Снежана Митова. Во претставата настапуваат актерите Марина Поп-Панкова, Васил Зафирчев и Младен Крстевски.