Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја запре испораката на делови за авионот ловец „ф-35“ за Турција, како одговор на одлуката на Анкара да не се откаже од напредниот руски ракетен систем земја-воздух „с-400“. Високи функционери на американската влада неколкупати предупредија дека ќе го откажат турскиот план за купување на стелт-авиони „ф-35“, ако Турција продолжи со напорите за купување „с-400“. Запирањето на испораката на делови и упатства потребни за подготовка за планираната испорака на авионот, претстојново лето е прв чекор кон откажување на продажбата на целото летало.

Чекорот на САД следува само неколку дена откако шефот на турската дипломатија порача дека неговата земја останува посветена на купувањето на рускиот систем и оти веќе преговара за датумот за испораки. Претставници на Вашингтон изразија загриженост дека турската набавка и на американски и на руски системи, може да и овозможи пристап на Москва до софистицираната американска технологија и ќе и овозможи начини за победа над „ф-35“.