Во вторите 30 минути ја зацврстивме играта и создадовме предност, која и ни помогна да дојдеме до висок триумф над Мешков, вели вардаровиот тренер Парондо, по победата со 30-23 (14-14), во Скопје, во 6-то коло на ЛШ

Одигравме тежок натпревар против силен противник и затоа можеме да бидеме задоволни од сработеното на теренот. Во нападот бевме добри и во двете полувремиња, но не и во одбраната. Во вторите 30 минути ја зацврстивме играта и создадовме предност, која и ни помогна на крајот да дојдеме до висок триумф, вели Роберто Парондо, тренерот на Вардар, по петтата победа на црвено-црните во ракометната Лига на шампионите (ЛШ), овој пат над 10-кратниот белоруски првак Мешков со 30-23, во Скопје.

Вардар покажа дека умее да победува и без суспендираниот лев бек и ударна сила во тимот, Вуко Борозан, иако во Скопје до посакуваната цел стигна многу потешко од очекуваното. Сепак, уште позначајно е што по поразот од полски Киелце во минатото коло Вардар брзо успеа да се врати на победнички колосек. А за тоа му помогна ефикасноста на нападот, која беше 57 отсто во однос на 43 на Мешков, ефикасноста на шутот (67-50). Потоа извонредната игра на централниот бек Игор Карачиќ, кој беше централна фигура на теренот со 11 гола од 14 удари (79 отсто), а се придодадоа левото крило Тимор Дибиров со шест од осум (75 отсто) и десното крило Иван Чупиќ со 6/7 (86 отсто), како и новото голманско засилување, Калифа Гедбан, кој впиша 11 одбрани.

Сега вардарци имаат 10 бода (пет победи и еден пораз) и ќе го задржат врвот во групата А (со најдобра одбрана), најверојатно со Барселона или со Киелце (ако некој од нив победил во вчерашниот меѓусебен дуел). Следниот меч во ЛШ Вардар повторно ќе го игра во Скопје (в недела), против Барселона.