Менчето и Софчето се сосетки што секој ден заедно пијат по неколку кафиња. Се разбира пијат кафе и расправаат висока политика.
– Го следеше парламентот?
– Да, беше многу интересно. Како да гледав некоја театарска претстава. Многу беше напнато.
– Ми е срам да ти кажам, ама мене ми загоре манџата.
– Голема работа!
– Туку, ми се допадна говорот на оној младиот, со брадичето. Ги разоткри сите девијантни појави.
…Ги разоткрил сите девијантни појави. Стигнавме и до странскиот збор – девијација. Ајде да пронајдеме некој наш, соодветен збор. Младиот пратеник ги разоткрил сите неправилности, скршнувања, сите искривувања на нештата.
А, дали денеска скршнал и нашиот пишувач на мисли од задниот џеб… вели вака: вјасаше, вјасаше и се сопна… на работ од животот!
Убав ден, почитувани!
Чувајте го јазикот!
„Јазикот е нашата единствена татковина“, велеше познатиот македонски писател и лингвист Блаже Конески. Но сведоци сме дека токму тој македонски литературен јазик, ние во последниве години не го чуваме, не го негуваме и надградуваме.
Драги деца, за да растете и вие читајќи и зборувајќи на стандарден македонски литературен јазик, во „Колибри“ објавуваме рубрика „Зборуваме македонски“, чиј автор е Владо Димовски, голем пријател на децата и наш познат писател за најмладите и автор на многу детски радио и телевизиски емисии со кои растеа многу генерации, меѓу кои една од најпопуларните беше серијата „Умни глави“ што ја емитуваше Македонската телевизија.
Е па, и бидејќи и вие сте умни глави, се надеваме дека серијалот што го започнуваме, ќе ви помогне да го зборувате македонскиот јазик без грешки, а така и да пишувате!