Тони Гламчевски дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур
Останува недоволен напредокот на Бугарија во однос на имплементацијата на препораките насочени кон гарантирање ефективен пристап до правата на малцинствата, и покрај позитивните движења во изминатите четири години во однос на законодавството, пристапот до здравствена заштита и образование. Ова е заклучок врз основа на мислењето на Советодавниот комитет на Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства објавено во Стразбур.
Комитетот препорачува бугарските власти да ги промовираат културите и јазиците на националните малцинства, да негуваат доверба и меѓусебно почитување и да ја подобрат состојбата на ромското малцинство.
Како препорака за итна акција, Советодавниот комитет, исто така, ги повика властите да обезбедат посветено, доволно и одржливи основни средства за зачувување и промовирање на културите и идентитетите на лицата кои припаѓаат на националните малцинства, особено поддржувајќи ги нумерички малите малцинства.
Како и во претходните циклуси, Македонците во Бугарија ја потврдија својата желба да бидат заштитени според Рамковната конвенција. Затоа, Советодавниот комитет нагласува дека пристапот до правата на малцинствата и нивното ефективно спроведување се од огромно значење и мора да бидат приоритет на властите.
Европскиот суд за човекови права, потсетуваат експертите на Советот на Еропа, во 12 случаи поднесени против Бугарија од страна на здруженијата апликанти кои имаат за цел да ги заштитат интересите на „македонското малцинство во Бугарија“, утврди прекршување на член 11 од Европската конвенција за човекови права (слобода на собирање и здружение).
Што се однесува до нивното извршување од страна на Комитетот на министри на Советот на Европа, шест пресуди од оваа група случаи се предмет на постојана надзорна постапка повеќе од 17 години.
Советодавниот комитет на крајот ги охрабрува властите да одржуваат добрососедски односи со сите соседни земји и да се промовира прекуграничната соработка преку билатерални договори, покрај имплементацијата на постоечките меѓународни инструменти, особено Рамковната конвенција.
Прочитајте повеќе во печатеното издание на „Нова Македонија“ в понеделник