Водици во Битуше 2024/Фото: Маја Јаневска-Илиева

Уникатното празнување на Водици во Битуше во 2019 година е прогласено за културно наследство од исклучително значење. Овој празник во Битуше се прославува изворно, како што се прославувал пред повеќе години.

На ова празнување во прв план се жените наречени кумстарки. Облечени се во оригинални и богати народни носии, некои постари повеќе од сто години, наследени од мајка на ќерка. За време на празникот, кумстарките со таблите на глава, во кои има домашен леб, одат во поворка низ селото до црквата и пеат водичарски песни за здравје и благодет.

Во песните се споменуваат машките членови на семејствата. Со ова се отсликува минатото на селото кога повеќето од мажите заминувале на печалба, а жените останувале и ги одржувале домовите и семејствата. Со пеењето песни, жените им посакувале здравје на мажите гурбетчии.

Во дворот на црквата „Свети Архангел Михаил“, покрај пеењето, се игра Јованово оро.

По орото, кумстарките одат во селскиот културен дом, каде што се остава лебот. Таму мажите ги сечат лебовите и се подготвува храната. Откако кумстарките, за кои е подготвена софрата, јадат први, по нив ручаат и мажите.