Скопски маратон/ Фото: Горан Анастасовски

Над 8.500 натпреварувачи од 47 земји, меѓу кои околу 200 трчаа маратон, а над 1.000 полумаратон, учествуваа на годинашното 18-то издание на Скопскиот маратон, најпознатиот спортски настан во Македонија.

Кениецот Онесмус Киплимо Киплагат е победник на Скопскиот маратон. Тој претпладнево патеката долга 42 километри низ улиците на македонската метропола ја истрча со време 2 часа 18 минути и 19 секунди. Втор беше Македонецот Дарио Ивановски со време 2:23,07 часа, а трет Никола Илиевски со резултат 2:43,28 часа.

Во женска конкуренција победи Кетрин Черотич од Кенија со време 2:38,48 пред македонската атлетичарка Билјана Кираџиева која на целта стигна по со време 3:04,49 часа. Трета е Тамара Попов со време 3:23,00.

Во полумаратонот (21 километар) најбрзи беа Адријана Поп Арсова во женска и Жан Тошев во машка конкуренција.

Традиционално, Редакцијата на „Нова Македонија“ и годинава имаше свои претставници на Скопскиот маратон, во новинарката Сања Јачевска и ликовно-графичкиот уредник Гоце Цветаноски, кои настапија во полумаратон.

Меѓу рекреативците се издвои и учесник во невообичаена опрема, носејќи одело во текот на трката низ улиците на главниот град, како што се забележува на фотографиите на Горан Анастасовски. Тој делуваше како да доцни на бизнис-состанок, иако е недела.