Текбол во Скопје, 2023/Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во салата „Јане Сандански“ од денес до недела (29 јануари 2023 година), се одржуваат квалификациски натпревари во новата спортска игра текбол. Ова натпреварување е втора фаза од квалификациите за Европските игри во текбол за 2023 година. Учествуваат 100 натпреварувачи од повеќе од 20 држави од Европа, а наградниот фонд е 30.000 долари.

Официјалното отворање е закажано за петок, 27 јануари 2023 во 9 часот, на кое Гергели Мурани, од Меѓународната федерација на текбол (ФИТЕК) ќе донира текбол маса. На настанот ќе бидат присутни и Тимчо Муцунски, градоначалникот на општина Аеродром и Сашо Поповски, генералниот секретар на Олимпискиот Комитет на Македонија.

Текбол е спортска игра со топка, слична на фудбалот што се игра на специјална закривена пинг понг маса. Играта комбинира движења и правила од пинг понг, фудбал и тенис. Играчите смеат да ја удрат топката со сите делови на телото освен со дланките и рацете.

Текболот, во 2012 година, го измислиле тројца фудбалски ентузијасти од Унгарија, поранешниот фудбалер Габор Борсани, бизнисменот Ѓорѓ Гачан и компјутерџијата Виктор Хушар. Играта стекна светска слава во 2016 година со промоцијата во Будимпешта на која учествувал и Роналдињо. Меѓународната федерација на текбол, ФИТЕК работи на вклучување на текболот во Олимписките Игри.