Како повторно да се изгради доверба во науката

Научниците и нивните застапници мора да направат повеќе отколку само да го подобрат начинот на кој ги објаснуваат научните прашања во јавноста. Во дебатите за општествените, културните, политичките и етичките импликации на новите откритија мора да се даде глас на поширок опсег на засегнатите страни

Од зголеменото присуство на вештачка интелигенција во нашиот секојдневен живот до нови медицински терапии, напредокот во науката и технологијата влијае на сите нас, главно на позитивни начини. Но темпото на промени што ги носи науката може да доведе до збунетост и страв, особено кај оние што малку се запознаени со културата на научно истражување. Научното откритие е сложен процес што често вклучува години на обиди и грешки, како и дебати за статистичка значајност, каузалност и други технички прашања. Токму оваа сложеност делумно објаснува зошто науката не е подобро разбрана од повеќе поединци. Тоа, исто така, делумно објаснува зошто скептицизмот кон науката експлодираше до нови височини.
Случувањата, како што се теориите на заговор и дезинформациите, исто така ја одразуваат зголемената недоверба кон владите и институциите, како и акутната политичка поларизација во многу земји. Но овие проблеми се хранат со големиот научен скептицизам и погрешно разбирање што се појавуваат (особено) за време на настани што се случуваат еднаш во сто години, како што беше пандемијата на ковид-19. Неодамнешниот извештај од истражувачкиот центар „Пју“ открива дека само 29 отсто од возрасните во САД велат дека имаат голема доверба во медицинските научници да дејствуваат во најдобар интерес на јавноста, што е намалување од 40 отсто кон крајот на 2020 година.
Сомнежите за легитимноста на науката не можат да се решат без да се признае дека науката не секогаш била користена за добро. Од студијата за сифилис до добро платените експерти што ја потврдија безбедноста на тутунот, историјата дава огромен број примери на штета предизвикана од оние што тврдат дека дејствуваат во име на науката. Но овие случаи не се репрезентативни за целиот научен потфат. Повеќето научници го прават она што го прават затоа што се посветени на унапредување на границата на човечкото знаење.

Иако движењето против вакцините одамна му претходи на ковид-19, пандемијата вдахна нов живот во неа делумно затоа што научниците се обидуваа јавно и во реално време да ги разберат вирусот САРС-КоВ-2 и неговото влијание. Откритието дека вирусот може да се пренесе преку асимптоматски носители и дека главно се пренесува преку воздухот означи пресвртница. Повеќето луѓе тогаш со право го поздравија доаѓањето на вакцините за спасување животи, кои ги гледаа како доказ за агилноста, стручноста и општествената вредност на научната заедница. Иако новите вакцини беа испорачани во рекордно време, тие беа само последното поглавје во долгата сага со чудесни откритија што датираат од вакцините против сипаници и детска парализа.
Но сега кога сè поголем број луѓе се воздржуваат од имунизација на своите деца, детската парализа и другите болести што може да се спречат се враќаат алармантно, иако сè уште ограничено. Уште почудно, многумина што се спротивставија на вакцините за ковид-19 беа подготвени да се свртат кон непроверени, неосновани лекови. За жал, ова се случува кога луѓето ја гледаат науката како црна кутија. Кога препораките засновани на наука се развиваат за да одговорат на новите наоди, вклучувајќи ги и оние што ги фалсификуваат претходните наоди, оние што се сомневаат гледаат неспособност и прикривање каде што треба да го видат научниот метод на работа.

Во услови на нови ситуации, стандардна практика е научниците постојано да ги тестираат своите теории и да ги ажурираат своите совети за да одразуваат нови факти. Дури и широк консензус меѓу научната заедница не подразбира апсолутна сигурност. Три години по почетокот на пандемијата, САРС-КоВ-2 сè уште не ги откри сите свои мистерии. Истражувачите продолжуваат да собираат докази за неговите мутации и трајни ефекти, вклучувајќи го и феноменот „долг ковид“.
Од медицината и генетиката до физиката и технологијата, повеќето научни достигнувања се резултат на децениска напорна, честопати мачна работа во лаборатории. Напредокот е постепен, доаѓа еден по еден експеримент. Јасно е дека овој ригорозен, методичен процес треба подобро да се објасни како дел од поширок, тековен разговор за влијанието на науката и технологијата врз нашите животи и општества.
Но подобрата комуникација не е доволна. Лабораториските истражувачи, општествените научници и другите водечки мислители, исто така, мора да се вклучат во етичките дебати за научните откритија, од вештачка интелигенција, алатки за уредување гени и иРНК-вакцини за вируси и рак до нуклеарна фузија и нови третмани за Алцхајмерова болест што може драстично да го промени нашето секојдневие.
Довербата бара време за да се изгради и често заостанува зад напредокот. Таа бара транспарентност и широко распространето учество од засегнатите страни низ сите нивоа на општеството. Кога придобивките од научното откритие не се широко споделени или кога ризиците не се целосно обелоденети и дебатирани, довербата може веднаш да исчезне. Затоа, дискусиите за науката и технологијата не смеат да бидат ограничени само на научниците. Учеството на групите од граѓанското општество, политичарите и регулаторите е неопходно за да се повикаат научниците да бидат одговорни и да се погрижат дека откритијата се користат за јавно добро наместо за тесни интереси.
Нашата задача не е само подобро да ја пренесеме науката, иако тоа, секако, е важно. Еднакво е важно создавањето можности за учество во дискусии за тоа како се спроведува науката и за социјалните, културните, политичките и етичките импликации на научните откритија. Градењето доверба во науката и борбата против дезинформациите бара гледање на јавноста како дел од решението наместо како потенцијална пречка што треба да се надмине.

Автор: Николас Б. Диркс, поранешен ректор на универзитетот „Беркли“ во Калифорнија, актуелно е претседател и извршен директор на Академијата на науките во Њујорк