Ирански поглед по атентатот на Сулејмани

Да се надеваме дека Техеран по убиството на генералот ќе се задоволи со симболична одмазда, наместо со целосна ескалација, а САД ќе дејствуваат претпазливо во одговорот кон Иран. Во спротивно, би можеле да завршиме со војна што речиси никој не ја посакува и чиј крај би бил целосно непредвидлив

Атентатот на САД врз Касем Сулејмани, командантот на иранските единици Кудс, секако е голема ескалација во долгогодишниот конфликт на двете земји. Но тоа не треба да биде причина за трета светска војна, како што веќе предвидуваат некои експерти. Покрај тоа, иако САД можеби постигнале краткорочна тактичка предност со убиството на Сулејмани, иранскиот режим сепак би можел да има корист од неодамнешните случувања.

По убиството на вториот најмоќен лидер на Иран, САД може да се најдат во ситуација да треба да го зголемуваат военото присуство на Блискиот Исток, а тоа може да предизвика уште поголеми ирански провокации. Таквата промена се случува во период на зголемени предизвици за американските интереси во други делови од светот.
Иран презема драстични чекори за подобрување на тешките регионални и домашни предизвици со кои се соочува во моментот. На пример, неодамна се соочи со ненадејно јакнење на ирачките национални чувства поради влијанието во таа земја. Дипломатските мисии на Иран беа запалени, а неговите стоки беа бојкотирани. Дури и ирачкиот ајатолах Али ал Систани, кој е највисокиот шиитски свештеник во Ирак и е роден во Иран, се изјасни против мешање на странци (значи Иранци) во ирачките работи.

Во јасен обид да го спречи ова антииранско расположение, сојузниците на Сулејмани во Иран, особено весникот „Кахан“, гласноговорник на иранскиот врховен водач, ајатолахот Хаменеи, во октомври предложија Ирачаните да ја окупираат американската амбасада во Багдад. Иран требаше да го промени дискурсот во Ирак со насочување на националистичкото расположение кон САД. Во тој контекст, дискурсот во Ирак навистина се смени по нападот со беспилотно летало врз конвојот на Сулејмани. Многу Ирачани сега не се прашуваат кога ќе замине Иран, туку кога ќе си заминат САД.

Во меѓувреме, Иран се справува и со значителен домашен предизвик. Режимот со шокирачка бруталност тргна да ги задуши масовните протести предизвикани од влошените економски услови, убивајќи стотици луѓе и апсејќи илјадници други. Оттогаш, Хаменеи е цел на напади, привлекувајќи критики дури и од неговата традиционална база поради лошото справување со ситуацијата. Како и со експлозијата од незадоволство во Ирак, на ајатолахот и во овој случај му требаше нешто за да ја промени приказната, а САД соодветно одговорија.

За надворешниот свет, Сулејмани беше архитект на терористичките активности на режимот надвор од Иран и координатор на сојузниците на Техеран во целиот регион, особено на Хезболах во Либан. Сепак, за Иранците, тој беше посложена фигура. Додека конзервативците го сметаа за херој, многу Иранци што ги загубија најблиските на мирните демонстрации или кои се противат на нападите на режимот врз иранските дисиденти во дијаспората, на него гледаа поинаку.

Сепак, во изминатите неколку години, режимот води паметна кампања за односи со јавноста за да го прикаже Сулејмани како поетски воин, слично како Наполеон или Цезар. Како еден од ретките команданти на Револуционерната гарда на Исламската Република, кој не беше оптоварен со обвиненија за корупција, тој се посочуваше како веројатен претседателски кандидат на следните избори. Така, сѐ додека има јавно сочувство со Сулејмани, тоа се проширува и врз режимот, барем краткорочно.
Пред најновите случувања, Иран, кој сѐ повеќе се изолира на меѓународно ниво, бараше начини да покаже мускули на светската сцена. Во декември ги одржа првите заеднички поморски операции со Русија и со Кина, а властите ги објавија плановите за руски закуп на Бушер, пристаништето во Персискиот Залив.

Тешко може да се пренагласат долгорочните стратегиски последици од стабилното руско и кинеско поморско присуство во Персискиот Залив, со оглед на тоа што овие две земји најверојатно ќе ги предизвикаат САД во наредните години. Со промената на расположението по смртта на Сулејмани, иранскиот режим има шанса да ги консолидира своите врски со Русија и со Кина.
Иран претера со поттикнувањето на ирачките сојузници да ја нападнат Амбасадата на САД и ја потцени подготвеноста на американскиот претседател Доналд Трамп да одговори со сила. Но со убиството на Сулејмани, САД еднакво можеби погрешно ја пресметаа или ја потценија подготвеноста на Иран да одговори. Со оглед на состојбата во економијата и нивото на незадоволство во Иран, Хаменеи мора да ги задржи Револуционерната гарда и лојалните паравојски цврсто на своја страна. Тие сили сега повикуваат на одмазда. Затоа, за Хаменеи е клучно да најде одговор што ќе биде доволно силен за да ја задоволи својата база, но не и доволно провокативен за да предизвика целосна ескалација.

Од своја страна, администрацијата на Трамп оперира под претпоставката дека иранскиот режим нема легитимитет и е поттикнат од домашното незадоволство, па затоа никогаш нема да се реши на голема војна со САД. Оваа опасна претпоставка е засилена со самодовербата на Трамп дека војната со Иран би била многу кратка. Но иранскиот режим, всушност, има длабоки културни, економски и разузнавачки врски во целиот регион, а особено во Ирак. Тој ја совлада уметноста на асиметрична војна и сега нема друг избор освен да одговори на смртта на Сулејмани.

Останува само да се надеваме дека домашните проблеми и длабоката желба за опстанок ќе ги натераат Хаменеи и Владата се задоволат само со симболични чинови на одмазда, наместо со целосна ескалација. Исто така, останува да се надеваме дека и САД ќе дејствуваат со стратегиска претпазливост во одговорот кон Иран. Инаку, би можеле да завршиме со војна што речиси никој не ја посакува и чиј крај би бил целосно непредвидлив.

Авторот е директор на иранските студии на универзитетот „Стенфорд“