Вакцини за сите или апартхејд со вакцини?

Гордон Браун

По речиси две години, на изминатиов самит на Г7, светските лидери првпат повторно се сретнаа очи в очи. Ова е првиот ваков состанок за Џо Бајден како американски претседател и последниот за Ангела Меркел како германски канцелар. Собирот беше и првиот тест за тоа што всушност значи често цитираниот слоган „Глобална Британија“ на британскиот премиер Борис Џонсон.

Кога помислуваат на изминатите самити на Г7, луѓето не можат да се сетат дека се направило нешто повеќе од добро „местење“ за сликање на лидерите. Сепак, во ретки пригоди, Г7 може да донесе значајни политички откритија. Таков беше случајот во 2009 година, кога, во консултација со африканските лидери, состанокот на Г8 во Италија ја постави новата основа за меѓународен напредок. Отворајќи го заседанието, се сеќавам дека на колегите лидери им ја раскажав приказната за ученик од Руанда, убиен во геноцидот од 1990-тите, а сега овековечен во спомен-музејот на геноцидот во Кигали. Таму, во Одделот посветен на децата, може да ги видите неговата фотографија и спомен-плоча, на која пишува: Давид, 11 години, амбиција да стане лекар, омилен спорт: фудбал… Последни зборови: ОН доаѓа да нѐ спаси.

Во својот идеализам и детска невиност, Давид веруваше дека меѓународната заедница ќе ги спаси него и неговата мајка. Но ние не го направивме тоа. Приказната за Давид беше повторена од американскиот претседател Барак Обама и италијанскиот премиер Силвио Берлускони. Сите бевме согласни дека меѓународната заедница направи премалку за да им помогне на луѓето во смртна опасност, а нашето коминике од таа сесија ја најави нашата намера во иднина да направиме многу повеќе.

Сега уште еднаш се соочуваме со прашање на живот и смрт, а последиците од нашата инертност во постапките треба да претставуваат главна точка на агендата на Г7. Нашиот досегашен неуспех во развојот на безбедни и ефикасни вакцини против ковид-19 наедно и во планот да се изврши имунизација во целиот свет, едноставно е нешто неприфатливо. Како последица од ковид-19, во светот веќе починаа 3,8 милиони луѓе. Моментално неделно умираат во просек по 80.000. И затоа не е претерување ако се каже дека членовите на Г7 одлучуваат за тоа кој е вакциниран и безбеден, а кој останува невакциниран и изложен на ризик.

Во последниов период, САД понудија испорака на 500 милиони дози од вакцината „Фајзер/Бионтек“ за земјите во развој, а најверојатно ќе понудат и повеќе. Се очекува Велика Британија да донира 100 милиони дози. И други богати држави со сигурност ќе одговорат на потребата од помош.

Меѓутоа, сиве овие бројки се премалку во однос на потребните 11 милијарди дози. Доколку сакаме да го исполниме ветувањето на Борис Џонсон, дека целиот свет ќе биде вакциниран до крајот на 2022 година, потребно ни е континуирано снабдување со вакцини во текот на следниве неколку месеци, но и потоа. За постигнување на оваа цел, неопходни се гарантираното финансирање и здружените набавки, што, од своја страна, ќе доведе до нови производствени капацитети и сигурен проток на вакцини до сите континенти. Ако сакаме да го избегнеме добро познатиот маѓепсан круг, во кој светот не успева да ги покрие трошоците и остануваме „кратки“ за вакцините што ни требаат, треба да донесеме одлука за финансирање на сево ова.

Навестувањата што доаѓаат од најсиромашните светски држави не се охрабрувачки. Најголемиот дел од досега произведените вакцини против ковид-19, 2,5 милијарди дози, отиде во најбогатите земји. Супсахарска Африка доби помалку од два отсто. Како резултат на ова, само два отсто од населението во овој регион имаат примено прва вакцина, а само 0,2 отсто се целосно имунизирани. Табо Макоба, англиканскиот надбискуп во Кејп Таун, оваа ситуација ја нарекува „вакцина-апартхејд“. Денес, со африкански стапки на заразеност со ковид-19 што неделно растат приближно за 25 отсто, најсиромашните земји на планетава се соочуваат со два проблема, кои можеби само групата Г7 може да ги реши. Прво, тие не можат да го сопрат ширењето на болеста ако летово и есенва мора да чекаат во редица за „остатоци“ од западните дози вакцини, од кои повеќето и онака нема да стигнат до идната година.

Второ, тие не можат да го достигнат западното ниво на имунизација, или да се заштитат со тестирања и заштитна опрема без дополнителна финансиска поддршка: годинава се потребни 16 милијарди долари, а во 2022 година сумата ќе изнесува над 30 милијарди долари.

Предлогот даден од страна на лидерите на Норвешка и на Јужна Африка илустрира како светот може да ги собере неопходните парични средства. Нивната формула ги зема предвид приходите и богатството на секоја од земјите, како и диференцијалните придобивки за нив од повторното отворање на светската економија. Врз основа на нивните платежни можности, Г7, заедно со Јужна Кореја и Австралија, би покриле 67 отсто од вкупните трошоци.

САД би учествувале со 27 отсто, Европа со 22 отсто, Велика Британија со пет отсто, а Јапонија со шест отсто, каде што Австралија, Јужна Кореја и Канада индивидуално би учествувале со по два отсто. Остатокот би бил покриен од страна на другите членки на Г20, вклучувајќи ги и Кина, Русија и нафтените држави.

Но како што кажа Мартин Лутер Кинг, „постои нешто што го нарекуваме премногу доцнење“. На светот му е потребна одлуката на Г7, зашто во спротивно, во следниот период ќе бидат изгубени уште повеќе животи. Светот едноставно не може да си дозволи вакцина-апартхејд, односно дискриминација во однос на вакцините.

Авторот е поранешен британски премиер и специјален претставник за глобално образование при ОН.