Внимателно и со играчките

Новогодишните празници се период кога се даруваат најблиските со различни подароци. За дечињата, секако, најпосакуван подарок е некоја омилена играчка, без која не може да се замисли празнувањето. И тоа е доволен повод вниманието и претпазливоста двојно да се зголемат што и како ќе се купи. Зашто таа навидум безопасна детска игра може да стане многу опасна, со ризични и небезбедни играчки, кои содржат сомнителни, опасни и отровни материи во својот состав

Сите што имаат мали деца во семејството знаат колкав предизвик претставува исполнувањето на новогодишната желба – најмилите да ја добијат посакуваната играчка.
Децата секогаш имаат понекоја желба што родителите и најблиските родини се обидуваат да им ја исполнат, за да измамат детска насмевка и спомен дека Дедо Мраз, поради тоа што биле „умни“ цела година, им ја донел посакуваната играчка.
Она што најмалите не го разбираат е секојдневната битка да се задоволи детската желба и притоа да се помине што е можно поевтино. Зашто и цените на играчките не се како што беа некогаш. Инфлацијата ги зафати и нив, па и нивните цени значително пораснаа, впрочем како и сѐ друго во државата. Токму тука „паѓаат“ родителите, бидејќи не е лесно да се преживеат овие празнични месеци со толку многу давачки. Па, така, во обидот финансиски да се постигне сѐ, се прават катастрофални грешки, кои можат да нѐ чинат детски живот.
Пазарите, тезгите и многу интернет-продавници продаваат играчки спротивно на законската регулатива. По значително пониски цени, родителите паѓаат во замката на криминалците, кои на илегален начин, со токсични и штетни материјали изработуваат копии на познати брендови играчки за да го украдат профитот на производителите и да ги наполнат своите џебови.
Сепак се чини дека многубројните апели на властите во светот, па и кај нас, не се слушаат. На пазарите каде што има понуда на играчки, побарувачката е огромна, секој се обидува да ја најде потребната играчка. Фактот што можеби ќе бидат ризик за дечињата паѓа во сенка зад пониската цена. Токму затоа има голем број критериуми што треба да ги исполнува една безбедна играчка, а за кои сме свесни сите, бидејќи ова е тема што со години се третира во празничните периоди. Ознаките, пакувањата, мирисот но и локацијата каде што се продаваат се првите показатели за тоа дали една играчките се во ред или не.
Во земјава има голем број случаи за токсични играчки што се продаваа, а кои по направените анализи беа забранети за продажба, но кои сѐ уште може да се купат. Па, и покрај препораките и предупредувањата, родителите сѐ уште ги купуваат овие опасни и поевтини играчки. Пластелините исто така се со сомнителен квалитет. Оние поскапите, со убав мирис и со познатата ознака ЦЕ се избегнуваат, бидејќи се речиси двојно поскапи. Другите, поевтините, мирисаат на пластика, пристапни се за сечиј џеб, но последиците од нив се долгорочни.

Интернетот е местото каде што царува криминалот од сите бранши, а периодов секако дека најпрофитабилен е за продавачите на детски играчки.
Фактот што секогаш може да останете измамени и да не го добиете посакуваниот производ е една од полесните последици во овој случај. Она што е многу пострашно се евентуалните последици врз здравјето на најмалите, кои доаѓаат во контакт со ваквите играчки, ги ставаат во уста, ги допираат со раце и, нормално, постојано си играат со нив. Но токму таа навидум безопасна детска игра може да стане многу опасна, со ризични и небезбедни играчки, кои содржат сомнителни и опасни отровни материи во својот состав.
Сомнителни производи се купуваат во контејнери од петта, шеста класа, произведени со радиоактивни материјали и токму затоа се и по толку ниска цена.
Токму овие ситуации се искористуваат од криминалните организации, кои се обидуваат да профитираат на сметка на детското здравје. Полициските власти во светот во неколку наврати успешно запленија играчки со сомнително потекло и тоа е доволен показател за многу поголема претпазливост.
На криминалците им е важен само профитот, што се докажа во неколку наврати досега. Тие не се грижат ниту за децата ниту за нечие здравје. Важни им се парите што ќе ги заработат, а начинот на кој ќе го направат тоа – не.

На сите им е јасно дека финансиите ни се ограничени. Дека во овој период на сите им се многу потребни. Но важно е да се внимава, бидејќи ниедни пари на овој свет нема да го вратат здравјето на децата, но и на возрасните.
Во овие случаи подобро е да се купи поевтина играчка од специјализирана продавница, отколку посакуваната со сомнителен квалитет, бидејќи здравјето и безбедноста на децата немаат цена.
Поставете избор пред детето, избор шо како родители ќе можете да си го дозволите, но кој нема да ви го расипе „раатот“ и кој нема да ве принуди постојано да бидете на штрек.
За свои пари купете безбедно, бидејќи само така може да имате мирни и среќни празници.

[email protected]