Трето полувреме

А да не им текне сега на овие неговите во софиското министерство за надворешни работи, додека го подготвуваат писмото што ќе му го врачат на Макрон, да внесат уште еден нивен „услов“. И онака се изнаслушавме нелогични и нереални барања и условувања кон нас, па зошто и овој би ве чудел: имено, се плашам Бугарите да не побараат од Макрон да наложи Бугарија да мора да биде прва во групата во Лигата на нациите, а Македонија никако да не смее да биде победник. Е токму затоа, Бугарите може да се досетат и да најдат начин да „пркнат“ фудбалски. Доста им беа утешителни, четврти и петти места на табелата. Сакаат и тие малку да бидат први

И би Разград. Не ги разградивме Бугарите, одигравме само 1:1 и пропуштивме шанса да стартуваме како што посакувавме. Но да не бидеме нескромни, и овој резултат е прекрасен, честитки за момците што го издржаа психолошкиот притисок и останаа цврсто на нозе, а шансата за нови бодови е тука на дофат, долга е трката за првото место во групата. Впрочем, да бидеме реални. До пред некоја година ќе бевме задоволни со минимален пораз, а за бодови на страна можевме само да сонуваме ако играме со некој тежок аутсајдер.
Но, сепак, она што останува како горчлив вкус по средбата, како своевидно трето полувреме, е потценувачкиот однос на дел од бугарската јавност, особено што тоа се совпадна со тензичната атмосфера предизвикана од блокадата на Софија за почетокот на нашите преговори со ЕУ. Во таква атмосфера, секоја изјава, секоја постапка се гледа со посебна диоптрија.
Токму затоа изјавата на претседателот на фудбалскиот клуб Славија од Софија, Венцислав Стефанов, во која тој ја потцени Македонија, прозвучи провокаторски и малициозно, но, за среќа, не повлијае на нашите играчи, иако јавноста знаеше да му одговори, особено на социјалните мрежи. Но дрската изјава вреди да се види уште еднаш, особено бидејќи, не случајно беше дадена на Бугарската национална телевизија.
„Ние сме 100 отсто фаворити за првото место во групата во Лигата на нациите. За што ние овде разговараме. Па, која е бре таа Северна Македонија!? Вчера стана држава… Од кого ние тоа стравуваме. Па ако стравуваме од репрезентации како Северна Македонија, Грузија и Гибралтар воопшто и да не играме фудбал. Да си играме некои детски игри…“, изјавил Стефанов за БНТ.
Си рекол човекот, што си рекол. И останал жив. Но мене сега нешто друго ме загрижува.
А да не им текне сега на овие неговите во софиското министерство за надворешни работи, додека го подготвуваат писмото што ќе му го врачат на Макрон, да внесат уште еден услов. И онака се изнаслушавме нелогични и нереални барања, условувања и уценувања што ги поставуваат за нас, па зошто и овој би ве чудел: имено, се плашам да не побараат од Макрон да наложи Бугарија да мора да биде прва во групата во Лигата на нациите, а Македонија никако да не смее да биде победник. Макрон има добри релации со фудбалските моќници, Франција е фудбалска велесила, а башка тие се и геополитичка сила, па кој ќе смее да им се спротивстави. Е токму затоа, Бугарите може да се досетат и да најдат начин да „пркнат“ фудбалски. Доста им беа утешителни, четврти и петти места на табелата. Сакаат и тие малку да бидат први.
Но и тука има еден мал проблем. Дури и да го напишат предлогот, за да се исполни пророштвото на бај Стефанов, останува нејасно како ќе мине тоа кај Макрон. Имено, како што веќе се навестува стратегијата од Софија, најверојатно во Париз ќе отпатува само премиерот Петков, за кој се дознава дека само ќе го остави писмото со нивните „услови“ (читај уцени) во однос на Македонија, што некогаш се нарекувал „катиљ-ферман“, а сега веројатно има некое модерно име, допрва ќе видиме како тоа вредните евроинтегративци ќе го крстат, со надеж дека ќе нѐ одоброволат и ние да го прифатиме.

Наспроти него, претседателот Радев цврсто остана на одлуката да не оди кај својот француски колега. Очигледно не собра доволно храброст да се соочи со Макрон, кој се понуди да биде посредник, затоа што посредништвото бара компромис, бара отстапки и од двете страни, ама пред сѐ бара принципиелност и меѓународноправна издржаност. Бара основаност на договорот на темелите на демократијата, почитување на перемпторното право врз основа на кое се базираат светското (меѓународното) право и правдина! Бара државничка мудрост и истрајност во аргументацијата, дипломатија, а не ултимативно поставување услови за кои се тврди дека се апсолутна вистина, без да се слушнат ставовите на другата страна.
Наместо тоа, Радев од опскурната претседателска лабораторија во Софија и натаму ќе прави алхемија во историјата, во правото, безбедноста и сѐ што тој замислил дека треба во однос на Македонија, при што ние сме небаре некое диво племе во Амазон, кое допрва се соочува со цивилизацијата и сега Бугарите ќе ни го отворат патот кон посветла иднина. Благодариме, не треба.
Вие фантазирајте си самите за себе, уживајте во вашата самобендисаност.