Симбиоза

Пандемијата и надоврзаната економска криза даваат сосема нова основа „за старт“ на спортот за периодот што следува. Никој уште не може со сигурност да каже до кога ќе трае и колку и како ќе влијае вкупно сето тоа врз спортот. Но спортскиот свет развива нови идеи на работење, секако и помошта од институциите има важен дел, не само во Македонија, а и во услови на криза мора да продолжи инвестирањето и во врвниот и во аматерскиот спорт, и во училишниот спорт и во рекреацијата, инфраструктурата, условите, како важни сегменти, пред сѐ, за здравјето на луѓето… Секако, потребна е уште поголема поддршка на спортскиот сектор, за максимизирање на придобивките што може да ги донесат спортот и физичката активност, оти спортските клубови, здруженија, федерации… се испреплетени со луѓето, а долгорочните придобивки не се само од здравствен аспект

Во минатите две години, спортот, глобално и локално, замина во втор план, прво поради пандемијата на коронавирусот, а сега со надоврзаната економска криза. Новите услови имаат влијание во функционирањето на спортот и во Македонија, но спортот, и во светот и тука, не запира, па и во овој период Македонија, на пример, доби олимпиец со сребрен медал, неколку светски и континентални медалисти, репрезентациите во ракомет, фудбал и во одбојка се пласираа и настапија на европски и на светски првенства…, од кои ракометната 11 години во низа е на големата сцена, а фудбалската имаше средба со историјата, оти по дебито на европските првенства, одново беше таму каде што никогаш досега не била и се најде на чекор, и никогаш поблиску, до пласман на првото светско првенство.
Пандемијата и сѐ околу неа и економската криза даваат сосема нова основа „за старт“ на спортот за периодот што следува. Поинаквите услови во кои функционира и спортот повлекоа финансиски импликации и за спортистите, клубовите, спортските федерации…, а тоа е посебен предизвик. Во светот на спортот се почувствува економското влијание од паузата, пандемијата, кризата, секако и во секоја земја поединечно, вклучувајќи ја и Македонија. Никој уште не може со сигурност да каже до кога ќе траат и колку и како ќе влијаат вкупно пандемијата и надоврзаната економска криза врз спортот.
Но спортскиот свет развива нови идеи на работење, со поголемо искористување, на пример, на интернет-просторот, спортската индустрија наоѓа нови начини за ангажирање на потрошувачите, а за популаризирање на тимот, клубот, брендот, поединецот, приближување до гледачите итн., во актуелната ситуација многу работи се префрлија во виртуелниот, електронски свет. Така, на сцената стапија, на пример, музејски и други е-тури, е-спортот зема сѐ поголем замав, а шахот, на пример, организира и силни, сега веќе етаблирани, онлајн турнири, со голем награден фонд. Истовремено, сите овие и некои други настани привлекоа стотици илјади виртуелни гледачи, посетители, купувачи, членови… Во поново време актуелно е и издавање специјални токени за публиката (токенот му овозможува на својот сопственик пристап до услуга што спортските организации им ја обезбедуваат на гледачите преку апликација).

И тоа се само некои од новитетите што ги понуди решавањето на задачата со „една непозната“, поставена од пандемијата. Сега веројатно следува нова задача, поставена од економската криза.
Пред две години се зборуваше дека „кога спортот ќе излезе на другата страна на ’тунелот‘, веројатно ќе биде сосема поинаков отколку пред влегувањето во него“, а тоа и се случува. Пандемијата уште не е завршена, а се надоврза економската криза. Засегнат е секој елемент од спортот, како спортистите, тимовите, првенствата, медиумското покривање, спонзорствата, спортската малопродажба… Светската фудбалска легенда Јохан Кројф своевремено рекол „секоја неповолна ситуација има своја предност“. Така, сите услови во кои функционира спортот денес поттикнаа развивање нови форми на работа за дополнително финансирање, нови идеи за комуникација, односи, но и нови начини за реакција на проблеми за побрзо адаптирање и за продолжување во нови услови и ситуации (Европската фудбалска унија, на пример, донесе нови регулативи, за кои претседателот Александер Чеферин, меѓу другото, вели дека мерките се за „да ја подготвиме играта за секој потенцијален иден шок, истовремено охрабрувајќи ги рационалните инвестиции и градењето поодржлива иднина за играта“).

Секако, и помошта од институциите има важен дел, не само во Македонија, а и во услови на криза мора да продолжи инвестирањето и во врвниот и во аматерскиот спорт, и во училишниот спорт и во рекреацијата, како важни сегменти, пред сѐ, за здравјето на луѓето… Паралелно, услов без кој не се може на ниту едно ниво се инфраструктурата, условите, а за врвниот спорт и важниот дел, усовршувањето на тренерите и на менаџментот во сите спортови, уште олеснувања за спонзорите, многу бесплатни школи…
И спортот се соочува со предизвици како ретко кога досега, пандемијата и економската криза ќе продолжат да влијаат и допрва треба да се пресмета целосниот обем на влијанието. Секако, потребна е уште поголема поддршка на спортскиот сектор, за максимизирање на придобивките што може да ги донесат спортот и физичката активност, оти спортските клубови, здруженија, федерации… се испреплетени со луѓето, придонесот на спортот во превентивната здравствена заштита станува сѐ поважен, долгорочните придобивки не се само од здравствен аспект, врвниот спорт, пак, има и своја катализаторска улога, како што се моделите на ѕвездите, кои поттикнуваат зголемено младинско и аматерско учество во спортот… Своевидна спортска симбиоза.

[email protected]