Што направивме и што треба да правиме

И ако никој тука не може да влијае на содржината на декларацијата што ја стокми официјална Софија за која македонскиот јазик останува бугарски дијалект, а врз чија теза подолго време работат бугарските лингвисти, зачудувачки е зошто Македонија „за однапред“ не се консултира со домашната стручна лингвистичка фела при подготовката на содржината на изјавата. Имено, ниту министерот за надворешни работи, уште помалку вицепремиерот за евроинтеграции се лингвисти (веројатно јазични експерти нема ниту во нивните тимови) за да можат да подготват текст-изјава со која ќе се дефинира македонскиот јазик со сите негови особености, така што повеќе од очигледно е дека некој си зема за право истовремено да биде и политичар, и лингвист, и историчар и самиот да одлучува за работи за кои несомнено треба да има широка научна расправа

Последната унилатерална изјава дадена од македонска страна за македонскиот јазик приложена во записникот од првата политичка меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ и натаму ја бранува домашната јавност веќе неколку дена, а не престануваат ниту реакциите од домашната стручна фела, која негодува зошто не се направени консултации со неа за толку чувствително прашање.
Со ова уште еднаш се потврди дека штетите што се прават поради непромислените и избрзани политички потези предизвикуваат сериозни последици врз државните интереси, кои подоцна тешко можат да се поправат.
А каде се згреши целата работа, односно „шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?“
Кога веќе со денови шефот на дипломатијата Бујар Османи најавуваше дека македонскиот јазик влегува во ЕУ чист, без никакви фусноти и дообјаснувања, на мала врата напомна дека Македонија и Бугарија ќе изготват унилатерални изјави за македонскиот јазик, појаснувајќи дека овие изјави за ЕУ немаат никакво значење.
И ако никој тука не може да влијае на содржината на декларацијата што ја стокми официјална Софија базирана врз тезите на бугарските лингвисти за кои македонскиот јазик никогаш не постоел, туку е еден од неколкуте бугарски дијалекти, зачудувачки е зошто Македонија „за однапред“ не се консултира со домашната стручна лингвистичка фела при подготовката на содржината на изјавата. Имено, ниту министерот за надворешни работи, уште помалку вицепремиерот за евроинтеграции се лингвисти (веројатно јазични експерти нема ниту во нивните тимови) за да можат да подготват текст-изјава со која ќе се дефинира македонскиот јазик со сите негови особености, така што повеќе од очигледно е дека некој си зема за право истовремено да биде и политичар, и лингвист, и историчар и самиот да одлучува за работи за кои несомнено треба да има широка научна расправа.

Очигледно, во Македонија постои некаква практика клучните одлуки важни за иднината и интересите на државата да ги носи мал круг на луѓе, без консултации ниту со научната јавност, ниту со МАНУ, ниту со експертите од разни области. Едноставно за секоја важна работа недостига транспарентност.
А неа ја немаше ниту кога се подготвуваше Преспанската спогодба, ниту, пак, кога се работеше врз Договорот за соработка и пријателство со Бугарија. Народски кажано, повторно „политиката истрча како прле пред магаре“, само што побрзо да се затвори некое прашање, без, притоа, да се води сметка за националните интереси. Па ако сè беше толку едноставно, тогаш чуму земјава 30 години е во некакви чекалници? Зошто воопшто има научни институции ако политичарите воопшто не ги интересира што вели нашата наука за одредени прашања?
Кога веќе е повеќе од јасно „шчо напраифме“, сега треба да почнеме да размислуваме „шчо требит да праиме за отпосле“, оти со „однапред“ ја утнавме работата.
Бидејќи изјавата е унилатерална, дадена од наша страна и претставува лично наше видување за македонскиот јазик, македонските власти можат да ја повлечат со образложение дека се потребни експертски консултации и интервенции заради допрецизирање на изјавата. Ако, како што вели министерот Османи, овие унилатерални изјави се само дообјаснувачки и не се важни за процесот на преговори со ЕУ, тогаш Брисел нема да има ништо против изјавата да се допрецизира во консултации со македонската наука. И онака не е важна за преговарачкиот процес, а ако се има предвид дека година и половина ќе имаме скрининг, има доволно време сето ова да се уреди на научна основа пред отворањето на првото поглавје, кога и да се случи тоа.
Имено, во образложението за повлекувањето на изјавата македонското МНР и Владата треба да наведат дека поради кратките рокови за поширока стручна анализа, првично е пуштен текст во кој не се земени предвид востановените научни сознанија и утврдени факти за македонскиот јазичен, книжевен и, воопшто, културен идентитет, зад кои стои не само домашната и странската македонистика туку и современата светска славистика, лингвистика, книжевна наука и историографија.

Понатаму во изјавата не се почитуваат и меѓународно усвоени теории и практики на толкување на фактите поврзани со историјата на словенските јазици во чие семејство припаѓа и македонскиот јазик, а, следствено на тоа, и на толкување на фактите за историјата на македонската книжевност и, воопшто, македонската култура.
Домашните лингвисти јасно порачуваат дека ваквата изјава може да доведе до сериозни и трајни последици по нацијата, државата и севкупната македонска култура, притоа укажувајќи дека доколку не биде повлечена, тие ќе ја сметаат за нелегитимна, а за нелегитимен ќе го сметаат и секој натамошен акт што ќе се темели или повикува на неа.
Владата и МНР можат да ја повлечат изјавата на доработка и поради неусогласеност со резолуцијата усвоена во македонското Собрание, што дава целосен легитимитет за една ваква постапка.
Факт е дека станува збор за унилатерална изјава дадена од македонска страна врз која никој нема право да дава забелешки и да ја оспорува, исто како што никој не дава забелешки, ниту, пак, се мешал при изготвувањето на унилатералната бугарска декларација. Но ако македонската изјава е подготвувана да ги задоволи бугарските гледишта, тогаш постои сериозен проблем.
Во тој случај свесно се гази врз историјата на македонскиот јазик, која не започнува во 1945 година, а самата кодификација врз научно верифицирани основи е потврда на претходен долговековен јазичен, културен и национален развој и континуитет и е само една етапа во развојот на јазикот. Македонскиот јазик својот континуитет го остварува непрекинато, за што сведочат црковнословенската, апокрифната и народната книжевност и, воопшто, книжевноуметничката традиција, а тоа не е опфатено во оваа изјава. Тука е и игнорирањето на дијалектите, народниот јазик на кој е создавана македонската книжевност во периодот до крајот на Втората светска војна.

Избрзаната изјава е само уште една потврда дека самите си го врзуваме јажето од кое подоцна тешко се отплеткуваме. Штетата што самите си ја нанесуваме со ваквата непромислена изјава е многу поголема отколку некој однадвор што ни наштетува. Едно треба да биде јасно: не може за клучни работи од национален интерес да одлучуваат поединци низ нетранспарентен и таен процес, без вклучување на сите институции што им стојат на располагање. Штетата е направена, но секогаш може да се поправи ако се вклучат сите експертски капацитети, особено оние што знаат како да ги исправат работите. Тука нема место за нечии суети, тука е важен единствено националниот интерес. А тој сега е загрозен.