Веста за завршување на уште едни „мировни преговори“, овој пат со сепаратистички нелегални корисници на електрична енергија, кои треба да финишираат до денеска, ја потврдија и од ЕВН. Ова е завршницата на неколкунеделните случувања што беа поврзани со протестите на слупчанци, кои не им дозволуваа на екипите на ЕВН да пристапат до трафостаниците за да ги отстранат штетите, кои беа направени со дивите приклучоци
Претставници на липковското село Слупчане и ЕВН се при крај со преговорите и наскоро се очекува да потпишат договор за решавање на проблемите, откако минатата недела беше прекината блокадата и беше пуштена електричната енергија во селото. Од општинскиот совет на Слупчане велат дека ЕВН ќе влезе во селото да ја модернизира мрежата, а жителите ќе плаќаат сметки, додека долговите ќе се платат одеднаш или на рати, во зависно од можностите на должниците! Веста за завршување на уште едни „мировни преговори“, овој пат со сепаратистички нелегални корисници на електрична енергија, кои треба да финишираат до денеска, ја потврдија и од ЕВН. Ова е завршницата на неколкунеделните случувања што беа поврзани со протестите на слупчанци, кои не им дозволуваа на екипите на ЕВН да пристапат до трафостаниците за да ги отстранат штетите, кои беа направени со дивите приклучоци.
Проблемот во Слупчане настана на почетокот на минатиот месец, откако ЕВН се обиде да постави електрични броила надвор од домаќинствата, поради што екипите беа нападнати и избркани, а беше блокиран и влезот на селото. Тоа наедно беше и обид на локалното население да се воспостави екстериторијалност во која ќе биде оневозможено дејствување на државните институции. Тоа, според повеќето правни и безбедносни експерти, значи и нарушување на суверенитетот и редот и поредокот во овој дел од Македонија. Наместо да бидат применети сите закони што важат во случај на кражба на струја, од локалното население беа поставени повеќе барања до ЕВН, како простување на долговите, за нови приклучоци да се плаќаат 6.000 денари, потоа сметките да не можат да бидат повисоки од 3.000 денари без разлика на потрошената струја, ослободување на џамиите од плаќање на струјата…
Што од овие ултимативни барања е прифатено во договарањето меѓу Слупчане и ЕВН нема детални информации. Тоа што го изјавуваат извори блиски на преговарачките тимови е дека „99 отсто е завршена работата, останува само да се дефинираат некои ситници и да се потпише договорот“. Што е завршено! Какви се тие ситници? Остануваат многу неодговорени прашања. Мнозинството граѓани во Македонија, кои редовно си ги намируваат обврските за испорачаната електрична енергија, а некои од нив и за тоа плаќаат и високи камати за доцнење на плаќањето на сметките или за повторно вклучување на мрежата, имаат право да знаат какви услови ќе важат за жителите од Слупчане и за сите други места во земјата во кои ненаплатените побарувања за електрична енергија е во поголем процент. Оваа обврска е пред сѐ на ЕВН, која во изминатите денови ја доби и огромната поддршка на јавноста во справувањето со нередовните плаќачи, диви приклучоци и нелегалните „рударења“ на криптовалути.
Дивото приклучување на електричната дистрибутивна мрежа многу децении е присутно во регионите со моноетнички состав на населението. Тоа беше толерирано од сите политички владејачки структури, а сѐ во некаков лажен социјален, политички и меѓуетнички мир. Дивото користење на електричната енергија не беше спречено и намалено ни со приватизацијата на ЕСМ дистрибуција во 2006 година. Во сите овие изминати години се користеше стратегијата на помал отпор, а сите „акции“ за сведувањето на кражбата на струја на минимално ниво завршуваа со постигнување премолчени меѓупартиски договори за префрлање на неплатената струја во ставката „загуби“ во дистрибутивната мрежа. На овој начин другите регуларни корисници на струја беа ставани во нерамноправна позиција, кои мораа да се носат со високите цени за електрична енергија и со квалитетот на услугите што им се нуди од дистрибутерот.
Пред енергетските компании, но и пред носителите на извршната власт е обврската да информираат за тоа кои поволности ги добиле слупчанци за нивната согласност да дозволат да бидат приклучени на електричните броила на ЕВН. Со неинформирањето на јавноста, австриската компанија врши неекономска поделба меѓу нивните корисници. На оние за кои важи единственото правило за неплаќачите, а тоа се „ножичките“, а за други што се повластени и за кои ќе важат и други правила.
Прашањето на кое јавноста има право да го знае одговорот се однесува на тоа колку кривични пријави има поднесено од страна на дистрибутерот и од другите надлежни институции за нелегално користење електрична енергија во случајот со Слупчане, а и претходно со Студеничане, Арачиново и во сите други населени места во Македонија. Дали сето ова ќе биде покриено со уште едно наметнато и изнудено „примирје“, со што би била прогласена и неформална амнестија на неплаќачите на струја од страна на ЕВН? Во тој случај, и за сите претходни процесирани предмети за кражба на струја треба да важат истите правила како и за населението од Слупчане.
Носителите на извршната власт треба да се откажат од изјавите за „ненадлежност“ за тоа што е договорено меѓу жителите во Слупчане и ЕВН. Нивните обврски за воспоставување рамноправен однос на сите економски субјекти и на граѓаните произлегуваат од пазарната економија, во која секој треба да дејствува на рамноправна основа. Овие права се содржани и во Уставот на Македонија, за чија целосна примена се надлежни Владата, министерствата и сите други државни институции. Конечно, и Регулаторната комисија за енергетика е таа што ја дефинира цената на електричната енергија, која треба да ја плаќаат еднакво сите граѓани и компании. Не е пазарно, а и не е ни праведно на некои „самоповластени“ корисници да им се отпишуваат стари ненаплатени долгови за струја, а уште помалку тие да се покриваат преку сметките на сите други редовни корисници.