Со ваквиот настап, Османи на некој начин директно го навреди народот, претставувајќи го како недоволно интелигентен, бидејќи етничката заедница од која потекнува тој јасно стави до знаење дека ќе гласа за уставните измени оти на ниту еден начин не е засегната од таквиот чекор. Произлегува дека само Македонците се тие на кои треба да им се нацрта на училишна табла како изгледа преговарачкиот процес, додека сите други го научиле тоа, без разлика што истото тоа „го усвоиле напамет, а не со разбирање“

Министерот за надворешни работи со дидактичко „едукативен“ метод
во обид да го сопре критичкото размислување на народот

Како што се стеснува временската рамка до кога Македонија треба да ги направи уставните измени, така не се избираат средства на јавноста да ѝ се наметне објаснувањето дека „по внесувањето на Бугарите во македонскиот устав, Софија нема да има никаква можност да ја блокира земјава на нејзиниот евроинтегративен пат“(!?).
Ако досега појаснувањата за придобивките од внесувањето на Бугарите во Уставот одеа преку изјавите на политичарите во власта, дадени при јавните обраќања, неодамна министерот за надворешни работи отиде и чекор понатаму, цртајќи на училишна табла како ќе изгледа преговарачкиот процес.

Сите други се „добри“ ученици, само Македонците на дополнителна настава

Имено, Османи со креда во рацете, поставувајќи се како авторитетен професор кон ученичиња, објаснуваше дека Софија нема да може да блокира за историски прашања и дека од „годишните прегледи“ на оствареното во врска со протоколите и членот 12 нема да зависат преговорите со ЕУ, бидејќи тоа не биле прашања од поглавјата.
Очигледно министерот за надворешни работи заборава дека уставните промени ниту се во поглавјата, уште помалку во Договорот за добрососедство, така што освен исполнувањето на европските критериуми, за што најодговорна е секоја власт, банално е да им се црта на граѓаните и да им се објаснува како изгледаат преговорите со ЕУ.
Со ваквиот настап, Османи на некој начин директно го навреди македонскиот народ, претставувајќи го како недоволно интелигентен, бидејќи етничката заедница од која потекнува тој јасно стави до знаење дека „ќе гласа за уставните измени бидејќи на ниту еден начин не е засегната од таквиот чекор“, односно лекцијата на наставникот ја прифаќа онака како што тој сака да ја прифатат учениците – напамет и без разбирање. Произлегува дека само Македонците се тие на кои треба да им се нацрта на училишна табла (за некритички и без размислување да го прифатат укорот од наставникот) за тоа како изгледа преговарачкиот процес, додека на сите други тоа им е јасно како ден!?
Дополнително, министерот Османи, ставајќи се во вакво својство, само успеа да ја навреди целата интелектуална јавност во земјава, академици, професори, претставници на невладиниот сектор, кои отворено кажаа дека Македонија не смее да прифаќа ваква преговарачка рамка, која се коси со сите европски принципи и е заснована исклучиво на туторство на Софија и стегање на целиот македонски преговарачки процес со „францускиот клуч“ што им го подари Париз.
– Преговарачката рамка е повеќе политички одошто правен документ. Условите што досега ви беа поставени и уцените на кои сте изложени немаат врска со добрососедството и со европските вредности, тоа се политички хирови на софиската влада која обезбеди поддршка за својата политика на уцени од скромниот европски лидершип и од сервилната влада во Скопје. Жал ми е што вие ја сфаќате преговарачката рамка како Библија или како Куран и ја доживувате како непроменлива и во камен исклесана. Тоа го покажува неискуството на оваа влада и ја потврдува нејзината опсесија со евентуален брз почеток на преговорите да оствари предност пред политичките противници пред претстојните избори – наведува новинарот Бранко Геровски, во објава на својот фејсбук-профил.

Што со државно -политички лидери што непристојно се обраќаат, а така ги третираат и граѓаните?

Упатената порака на низа интелектуалци е министерот Османи со ваквите пројави „да не ја навредува интелигенцијата на македонскиот народ“!
– Немојте на јавноста да ѝ кажувате дека многубројните софиски уцени и обиди за негирање на македонскиот идентитет, кои произлегоа од активностите по склучувањето на Договорот за добрососедство и по потпишувањето на двата протокола (еден е со ваш потпис), нема да бидат тема на преговорите меѓу Скопје и Брисел. Немојте, затоа што така ширите лажни вести и евтини спинови, а јас би сакал да верувам дека тоа не е вашата намера. Немојте, затоа што овој однос ги навредува чувствата на македонскиот народ. И мене лично ме навредува. Ние Македонците не сме неписмени за вие на табла да ни цртате што е што и така да нè убедувате дека немаме причини за загриженост. Тоа е непристојно, господине Османи – истакнува Геровски.
Ист став делат и аналитичарите со кои се консултиравме, за кои настапот на Османи е крајно навредлив за македонскиот народ.
– Не може министерот Османи околу европските прашања да биде постручен од редица експерти за европски прашања. Тие јасно кажаа дека Бугарија со „францускиот предлог“ доби неограничени можности целосно да го контролира пристапниот процес на земјава во ЕУ и дека она на што Софија инсистира нема никаква врска ниту со Копенхашките критериуми, а уште помалку со европските принципи. Бугарската страна доби алатка што ќе ја злоупотребува безброј пати и тоа го препознаа сите оние што со години работеа на приближувањето на Македонија кон ЕУ, така што нема потреба Османи некому да му црта на табла небаре е лош ученик, па потребни му се дополнителни часови – велат соговорниците.
Според нив, очигледно приближувањето на рокот во кој треба да се направат уставните измени внесува одредена нервоза кај оние што ја прифатиле оваа обврска, па сега цртаат по табли оти не знаат како да се извлечат од кашата што самите си ја подготвиле.
– Откога ќе чуе и самиот ќе констатира дека ја преминал црвената линија, би било фер министерот да им се извини на Македонците за ваквиот навредувачки однос и ако имаше барем малку доблест, тој воопшто немаше да прифати функција што подразбира преговори за прашања што задираат во идентитетот на македонскиот народ. Со цртањето на табла, оти повеќе од очигледно е кому му се наменети „поуките“, само покажа што мисли за Македонците – заклучуваат соговорниците.
Жестоки реакции за однесувањето на министерот имаше и на социјалните мрежи, каде што сите едногласно одбиваат некој на ваков начин да ги навредува Македонците и нивната интелигенција. Професорката Мирјана Најчевска беше исклучително жестока во својата реакција.
– Главен лакеј на мафијата регистрирана како политичка партија. За него го употребувам принципот на обратен азимут. Тоа значи дека сè што ќе каже треба да се разбере како спротивно на реалноста – реагира на својот фејсбук-профил професорката Мирјана Најчевска.
Реакција пристигна и од универзитетската професорка Билјана Ванковска, која на министерот Османи му порачува да не ги третира Македонците како инфантилен народ.
– Професорот Бујар Османи прво нека ги научи институциите на ЕУ: едно е Европски совет, друго е Совет на ЕУ. А и лекциите за новата методологија и правото на вето не ги научил.
Уште поважно: нека престане да нè третира како инфантилни – истакнува Ванковска.