Поуки од минатото

Општо е познато дека војните никому не му донеле добро. Затоа некои умни луѓе рекле дека е подобро 100 години да преговараш отколку еден ден да водиш војна. Фаталните последици од војните, пак, се чувствуваат со децении потоа. Хроничарите забележале дека во текот на Првата светска војна, Битола бил втор најбомбардиран град во Европа. Неодамна под Тумбе Кафе беа пронајдени над 10.000 неексплодирани гранати. Значи и по 104 години од бомбардирањата, стравот и опасноста од гранатите сѐ уште постојат

Во деновите кога на руско-украинскиот фронт се водат жестоки борби, во кои секојдневно гинат не само војници туку и голем број цивили и невини лица, претежно млади, и кога светот буквално се наоѓа на работ на трета светска војна, двете најмоќни држави во Европа, Франција и Германија, на француските и на германските гробишта го одбележаа денот на нивното помирување од Првата светска војна.
И како што е вообичаено во такви комеморативни околности, двете држави што во Првата светска војна беа лути непријатели, а сега големи пријатели, со одбрани зборови и пригодни говори зборуваа за значењето на мирот и нивното помирување по воените ужаси и страшните битки што беа водени во Првата светска војна на овие простори.
Во говорите на двајцата амбасадори тие повикуваа на мир, разбирање, толеранција, почитување…
И овој пат како и во други услови, во траурната тишина што владееше на француските и на германските гробишта, единствено што се слушаше беше апелот на двајцата амбасадори за мир. Моќни пораки за мир деновиве испраќаат и светските лидери од самитот на Г20.
И додека лидерите говорат и повикуваат на мир, на друг дел од светот не престануваат ужасите од војната. А не престанува ниту трката во вооружување.
Наместо на одбележувањето на 104-та година од крајот на Првата светска војна и на Денот на помирувањето да апелираат за мир и помирување на Русија и Украина, сѐ уште има повици за трупање оружје на едната или на другата страна. А до мир не се доаѓа со оружје и деструкција, туку со дијалог, разбирање и толеранција.
Зарем и по 104 години од крајот на Првата светска војна сѐ уште не сме разбрале и не сме научиле што носат војните.
Да беше поинаку немаше да ни се случи Втората светска војна, а и другите војни што се случуваа во Виетнам, Ирак, Авганистан, Сирија, Египет, Либија, поранешна Југославија…
Можеби по 104 години некои други генерации политичари ќе се извинуваат за непромислените потези и политики и ќе зборуваат за нови помирувања. Но тогаш повторно ќе биде доцна, бидејќи во меѓувреме илјадници млади луѓе ќе ги загубат своите животи, а исто толку луѓе ќе ги загубат своите животи од последиците и ужасите што ги носи војната.

А општо е познато дека војните никому не му донеле добро. Затоа некои умни луѓе рекле дека е подобро 100 години да преговараш отколку еден ден да водиш војна.
Само за десетина месеци од почетокот на војната меѓу Русија и Украина, загубени се илјадници претежно млади животи, неколку милиони Украинци привремено или засекогаш ја напуштија Украина, многу градови се срамнети со земјата, уништени се голем број инфраструктурни објекти, фабрики, болници, училишта, мостови… Штетите од војната, според некои експерти, се мерат со стотици милијарди евра. Последиците од војната меѓу Русија и Украина не ги почувствуваа само жителите на овие две земји туку ги почувствуваа и граѓаните на најголемиот број земји од Европа, а и ние во Македонија.
Не само кај нас туку и во моќната и богата Европа по војната во Украина веќе никој не прашува како подобро ќе се живее, туку како ќе се преживее. Во ерата на иновативност и дигитализација, кога науката стигна дотаму за да станат можни и туристичките патувања во вселената за некои луѓе, Европа дојде до таква ситуација за да се прашува како ќе се прехрани и стопли во претстојната зима.
На битките за голо преживување и за храна веќе не се сведоци само народите во Африка туку и милиони граѓани од Европа. Но тоа е само мал дел од индиректните последици од воените дејства. Директните последици се изгубени животи, разурната инфраструктура, уништена економија, глад, сиромаштија, хуманитарна катастрофа. Кога сме кај болните сеќавања од војните треба да се спомнат битките на Солунскиот фронт, кои се водеа на овие простори и им нанесоа штета на граѓаните на Битола и Битолско, и македонските војници, кои на сила беа мобилизирани и загинаа војувајќи во туѓи униформи во Македонија, но за други интереси.
Хроничарите забележале дека во текот на Првата светска војна само во Битола биле убиени 4.224 цивили, 545 луѓе биле ранети, 647 згради и 216 куќи биле срамнети со земјата, 696 згради и 119 куќи биле оштетени, 845 запалени.

Битола, по Верден, во Првата светска војна била најбомбардиран град во Европа. Затоа по војната, Битола, како и Вердан, била прогласена за град страдалник и одликувана со орденот Воен крст на Република Франција.
Француската војска и холандските лекари биле живи сведоци на страдањата и хоророт низ кој поминале битолчани. Тоа е нотирано и во нивните извештаи до своите влади. Во овие бомбардирања, кои траеја речиси секој ден од крајот на ноември 1916 година, па до крајот на војната, Битола била бомбардирана со гранати со голем калибар, кои предизвикувале голема материјална штета, како и со бомби со отровен гас. Во периодот од 20 ноември 1916 година до 31 декември 1917 година, бројката достигнала над 13.000 гранати. Биле користени експлозивни, запаливи гранати со боев отров. Битола како втор град по големина во Македонија, по Солун, претрпела огромни човечки и материјални загуби.
Ужасите што ги почувствуваа на своја кожа битолчани во Првата светска војна беа страшни. Битола и ден-денес се справува Со последиците од Првата светска војна. Потврда за тоа се огромните количества неексплодирани гранати што се најдени во Битола и Битолско само во последните неколку години.
Неодамна кога почна изградбата на северната трибина на стадионот под Тумбе Кафе беа пронајдени над 10.000 неексплодирани гранати. Тоа беше најголем број пронајдени неексплодирани гранати во Европа. Пред тоа илјадници неексплодирани бомби беа пронајдени кога се реконструираше градското шеталиште. Деновиве и во селото Старавина беа пронајдени над 870 неексплодирани гранати. Истражувањата покажуваат дека Битола практично лежи на бомби.

Но барем засега, освен добивањето на признанието од страна на Франција дека Битола била град страдалник и реализација на некои ситни проекти, ни една земја од тие што се бореа на Солунскиот фронт не најде за потребно да реализира барем проект за деминирање на градот.
Се добива впечаток дека тие повеќе се грижат за своите мртви отколку за живите битолчани што живеат на овие простори и кои буквално секој ден шетаат на бомби, кои тие ни ги оставија при повлекувањето.
Тоа што фрустрира е што никој, пак, од битолските и од македонските политичари досега не го поставил прашањето што да се прави со неексплодираните гранати и бомби, кои некогашните лути непријатели, а сега големи миротворци ги оставиле во Битола, на Пелистер, Кајмакчалан, Мариовско. Тие се должни да изработат некој проект за деминирање на Битола и Битолско, затоа што тоа се нивни гранати што ни ги оставиле тука во наследство и при секое копање се потсетуваме на ужасите и страдањата што ни ги нанеле. Тоа е најмалото нешто што тие треба да го направат и им го должат на жителите од овие краишта.