Ивица Буљан, еден од водечките хрватски режисери

Ивица Буљан e еден од водечките хрватски режисери, успешен театарски менаџер на двете најголеми театарски куќи во Хрватска, ХНК во Сплит и во Загреб, и челник на меѓународниот театарски „Фестивал на светскиот театар“ во Загреб. За осум години, колку што е директор на големото Хрватско народно казалиште, на репертоарот режираа големи имиња на европскиот и на светскиот театар, како Еимунтас Некрошиус, Пипо дел Боно, Паскал Рамбер, Ерик Улфсби…

Кои се вашите пораки преку проектите што ги работевте досега и каде се движат вашите идни тежнеења во проектите што ги планирате?
– Мојот пат во театарот донекаде е поинаков. Студирав политички науки, компаративна книжевност и француски јазик. Во студентските денови објавував критики во тогаш многу важниот „Полет“, а понекогаш и во „Старт“. Крајот на осумдесеттите години, Гордана Внук го започна фестивалот „Евроказ“, фестивал на новиот театар, кој ги промени дотогашните парадигми. Во него за првпат се претставија Ромео Кастелучи, Јан Фабр, „Нидкомпани“ и тие искуства ме свртија кон драматургијата. Соработував со режисери како Вито Тауфер, Едуард Милер, Жан-Мишел Бријер. За време на стипендијата во Франција, Роберт Валтл ми предложи да режирам. Така, во Љубљана, во 1995 година го поставив романот на Паскал Квињар, „Име на врвот од јазикот“, како концептуална претстава во три дела. Таа ги означи моите интереси за „боди-перформансот“, психоанализата и соработката со визуелните уметници. Соработував со Славен Тоља, Иван Кожариќ, Тобијас Путрих, Давид Маљковиќ, Ана Савиќ Гецан, Тома Савиќ Гецан и со Александар Дениќ, а во музиката со Митја Врховник Шмрекар, Арсен Дедиќ, Дарко Рундек, групите Лет3, ТБФ и Борис Властелица. Мојот театар го прават актерите, најпрво Роберт Валтл и Марко Мандиќ, со кои најмногу сум направил. Тематски ме преокупираат невралгичните општествени точки како во „Циганин, но најубавиот“, прашањата на квир-идентитетот како во „Историја на насилството“ на Едуар Луи или „Туринговата машина“ за животот на големиот пронаоѓач Алан Туринг.
Колку ве исполнуваше менаџерската работа и имате ли намера во иднина да се занимавате со тоа во некоја друга форма?
– Јас сум режисер, а водењето на театарот некако произлезе од моето искуство во драматургијата, јавната комуникација, од опусот на претставите што ги направив. Пред 20 години бев директор на драмата во ХНК Сплит, а до неодамна осум години бев директор на драмата на ХНК Загреб. И во двете места донесов мноштво млади уметници, пред сѐ се играа текстови на домашни автори како Кристијан Новак, Филип Шоваговиќ, Тена Штивичиќ, Моника Херцег, Мате Матишиќ, Анте Томиќ. И многу важно – и двете ХНК во тој период имаа многу уметници од Европа, а ние гостувавме насекаде. Го започнавме Филозофскиот театар со Среќко Хорат. Театарот секогаш бил исполнет, зашто луѓето се желни да слушнат за тоа што мислат водечките филозофи за хаотичната сегашност. Така, во ХНК ги слушавме раперката М.И.А., писателот Николо Аманити, економистот Томас Пикети, актерката Ванеса Редгрејв, психоаналитичарката Јулија Кристева, режисерката Маргарет фон Трота, Боби Гилеспи, Тери Иглтон, секако неколкупати Славој Жижек, Младен Долар, Тереза Форкадес, Франко Бифо, Јанис Варуфакис, Ева Илоуз, Тарик Али…
Фестивалот на светскиот театар што го работите заедно со Дубравка Вргоч исто така донесе големи имиња на светскиот театар во Загреб, па кои претстави би ги очекувале во следните изданија?
– Во двете десетлетија на постоење, Фестивалот на светскиот театар прикажа дела на некои од најголемите светски и европски уметници. Тие значајно го збогатија светскиот театар. Загреб е поинаков, богат град и затоа го посетија Еуџенио Барба, Питер Брук, Роберт Лепаж, Пјотр Фоменко, Лев Додин, Оскарас Коршуновас, Еимунтас Некрошиус, Лик Бонди, Јан Фабр, Иво ван Хове, Томас Остермаер, Франк Касторф, Фалк Рихтер, Пипо дел Боно, Резо Габраидзе, Мило Рау, Тамас Ашер, Паскал Рамбер, Станислас Нордеј, Ема Данте, Алан Плател, Тијаго Родригез, Кети Мичел, Тошики Окада, Анџелика Лидел, Ан Сесил Ванделем, Мохамед Ел-Катиб. Овие уметници ги променија парадигмите, не само на театарската туку воопшто и на современата уметност. Годинашниот фестивал беше отворен од претставата „По тишината“ на авторката Кристијана Џатахи, за проблемите во ропството на денешниот Бразил, а потоа дојде швајцарскиот виртуоз Кристоф Марталер со „Немам поим“, па нашиот чест гостин Мило Рау со претставата „Испитување“, која е базирана на исповедните романи на Едуар Луи, а на крајот белгиско-аргентинската танцово-театарска дружина „Пипинг Том“ со „Диптих“.
Во вашата завидна театрографија може да се најде и податокот дека сте гостувале во престижниот театар „Ла Мама“ во Њујорк со Пазлиниевиот „Пилад“. Кажете ни нешто за ова искуство?
– Дружината „Грејт Џонс“, која работи при „Ла Мама“, има корени во шеесеттите години и до денес го претставува духот на својата основачка Елен Стјуарт. Таа ги откри Сем Шепард, Пети Смит, ги доведе Кантор и Гротовски во Америка. Компанијата ја сочинуваат актери со толку различно етничко потекло. Денешната директорка Миа Јо е со украинско-корејски корени, дел од ансамблот се Афроамериканци, потоа изведувачи со потекло од Виетнам, Кина, Русија, Јапонија. Школувани се во различни техники, во „Ла Мама“ секогаш големо внимание се посветува на телото, танцот, музиката. Со мене дојде Марко Мандиќ, кој го глумеше Пилад, големиот револуционер, кој се согласува со млаките чекори на Орест во воведувањето на демократијата во Арг, опустошен од војни. Претставата беше фантастично примена, за што сведочат и некои избори во кои беше прогласена за претстава на годината во Њујорк.
Една од вашите соработки е со „Мини-театарот“ од Љубљана. Дали ќе се посветите малку повеќе на овој театар и какви се репертоарските намери?
– Го основавме „Мини-театарот“ како сопствена лабораторија за работа со актерите. Тука можеме да посветиме повеќе време за некој проект, претставите се задржуваат долго на репертоарот. Сакаме да работиме текстови и автори што не се вообичаени во другите театри. Така го поставивме речиси целиот опус на Бернар Мари Колтес, кај нас за првпат беше работен швајцарскиот автор Роберт Валзер, кој влијаел на Кафка, па Елфриде Јелинек. „Макбет по Шекспир“ на Хајнер Милер е наша најдолговечна и најуспешна претстава со која гостувавме од Хавана, Сеул, Њујорк, па сѐ до Лисабон. Долговечна е и претставата „Затворање на љубовта“ на Паскал Рамбер, која ја режираше и самиот тој во „Мини-театарот“. Нашата програма ја нарековме постдрамска во чест на Леман, а во последните години ги работевме Едуар Луи, Бено Солес. Гостувања и копродукции, работа со млади режисери и актери ни се во прв план.
Кои проекти имате намера да ги реализирате во иднина?
– Во последните години режирав психолошки драми, „Мајка“ на Флоријан Зелер и „Забава“ на Сели Потер. Тука можам да ја додадам и „Во агонија“ на Мирослав Крлежа, која настана во ХНК и, еве, веќе втора сезона е на гостувања. Еве ја веќе и премиерата на „Кој се плаши од Вирџинија Вулф?“ од Едвард Олби во „Мини-театарот“, а в зима ќе го режирам „Идиот“ на Достоевски во Белград. Исто така во Неапол би требало да го режирам иконокластичниот текст „Антигоник“ на канадската авторка Ен Карсон, па во Осло „Роберто Цуко“ на Бернар Мари Колтес. Со писателот Горан Војновиќ подготвувам адаптација на романот „Утринска ѕвезда“ на писателот Карл Уве Кнаусгард.

Сашо Огненовски