Нашето здравје и современите случувања

Денешниов напис е поттикнат од времето во кое живееме исполнето со секојдневен стрес, политички и економски превирања и страв од војна. Целта е барем малку да им го насочам вниманието на читателите на сопственото здравје и обид за некакво намалување на стресот.
Имено, во поново време сведоци сме дека ноќниот живот и седењето до доцните саати станува сеопшта навика. Дали работното време или, пак, нешто друго што лично ни се случува нѐ наведува да легнуваме многу доцна? Во минатото се знаело да се почитува изреката девет саатот – во кревет! Ова важело како за децата така и за работните луѓе, кои денот го започнувале во зори, а работното време започнувало од 7 часот наутро. Излезете низ градот навечер и ќе видите маса од млади луѓе како стојат и седат пред кафулиња до доцните часови. А светилките во домовите исто така останале неисклучени до зори, што ќе потврди дека и тие што се дома не отишле на спиење.
Во најновите истражувања во невронауката се вели дека оние што легнуваат доцна (ноќните птички) имаат поголема вулнерабилност да развиваат анксиозност, посттрауматско стресно растројство (ПТСД) и слични ментални растројства.
Постојат таканаречени хронотипови што зависат од нашите преференции во однос на периодите на сон и будност во текот на 24 саати. Имено, може да сме утрински тип (ранобудник) што преферира да станува рано наутро и сме сосема подготвени за каква било утринска активност или, пак, обратно – да сме ноќна птичка, кога сме продуктивни токму навечер и претпочитаме да остануваме будни до доцна во ноќта. Или нешто помеѓу – да сме способни за сопствено адаптирање на правилата што ни ги наметнува животот…

Овие циркадијални типови се истражувале затоа што токму тие може да помогнат во разјаснување на некои ментални растројства, како анксиозност или ПТСД. Еден тим составен од италијански невронаучници ја повторил класичната парадигма на Павлов за условување на стравот врз база на неврокогницијата и ги поврзал одговорите на стравот токму со хронотиповите. Нивните наоди се објавени во август 2022 година, во списанието „Џрнал оф афектив дисордерс“ (Journal of Affective Disorders). Резултатите од ова истражување покажале дека кај ноќните типови постои поголем ризик од развивање анксиозни растројства, зашто токму овој циркадневен ритам влијае на когнитивните и афективни процеси. Всушност, токму ваквата парадигма за класично условување е силна алатка што ги открива клучните механизми за настанување анксиозност и ПТСД.
Од друга страна, направените студии во Израелскиот медицински центар покажале дека големите политички турбуленции (како на пример изборите) имаат драматично влијание врз сонот, консумирањето алкохол, како и на емоционалната и психолошка добросостојба.
Овие наоди како некое огледало ги даваат показателите на нашите сопствени искуства под дејство на околинските стресни случувања. Дел од оваа огромна студија е правена и за време на епидемијата на ковид-19, низ која сѐ уште минуваме, кога се испитувани должината и квалитетот на сонот, алкохолната консумација и субјективните искуства кај огромен број испитаници. Анализата на добиените резултати потврдила дека нивото на стрес, кое било високо во овој период на пандемија, слично како и во периодот на избори, влијаело на должината и на квалитетот на сонот, а последично и на севкупната добросостојба на луѓето.
Со други зборови, политичките случувања несомнено влијаат на сонот, а со тоа се и ризик за појава на анксиозни растројства кај популацијата. Зарем ова не е ситуација и кај нас?
Прашањето што се поставува е каде е лекот/помошта?
Универзитетот во Џорџтаун од Америка направи истражување во кое една програма за свесност (mindfulness), која е наменета за редуцирање на стресот, дејствувала слично како и земањето антидепресивни лекови кај анксиозни пациенти. Овие наоди се објавени во познатото списание „ЈАМА“ во ноември 2022 година.
Голема предност на ваквата програма за свесност е што не бара некое клиничко ниво на едуцираност на тренерите и исто така што не налага тренирање на оваа вежба во болнички услови, така што може да се изведува и во училишта или работни организации, во природа итн. Со помош на овој метод на самоконтрола се постигнува смалување на стресот и анксиозноста, особено социјалната анксиозност и паничните атаки, кои се особено присутни во секојдневието. Истовремено, се смалува потребата од фармаколошко лекување на ваквите состојби. За да им биде јасно на читателите за што станува збор, мало објаснување…

Mindfulness во наш превод значи насочена и свесна внимателност на мислите, чувствата и телесните сензации и околината. Ваквото учење има корени во Будистичката традиција, од која сѐ повеќе црпиме мудрости. Сепак, таа добива силна популарност во последната деценија, како во здравствениот систем така и во едукацијата и работните места, кај речиси сите возрасти (од градинка, па до старост). Публикациите во научните списанија се многу застапени и се споредливи со ние посветени на когнитивно-бихевиоралниот психотераписки третман.
Потврдено е дека овој метод на насочување на вниманието на мислите и телесните функции е ефективна за смалување на депресијата, анксиозноста, несоницата, проблемите со исхраната, зависности и слични ментални состојби.
Да се биде внимателен е поврзано со – да се биде отворен, неосудувачки, пријателски расположен, љубопитен, прифатлив, сочувствителен и љубезен. Овие практики можат да бидат формални (на пр. начин на дишење, седење, одење, скенирање на телото) или неформални (на пр. внимателност во секојдневниот живот). Воспоставени се многу програми за интервенции засновани на вниманието, но заеднички се нарекуваат свесност (Mindfulness).
Современите истражувања потврдиле дека методот предизвикува промени во мозочните биомаркери на имунолошката реакција, која се јавува при стрес и се неврофизиолошка основа за објаснување на позитивните ефекти што се постигнуваат со овој метод. Имено, процесите како самоинформација, саморегулација, фокусирање на решавање проблем, адаптивно поведение и интероцепција (насоченост на сопствените процеси и состојби) се зголемуваат токму кога се применува овој метод.
Осум мозочни региони се клучни за свесноста (Mindfulness): метасвест (фронтополарен кортекс), свесност за телото (сензорни кортикални регии), консолидација и реконсолидација на меморијата (хипокампус), регулација на самиот себе и емоциите (преден и среден цингулатен дел; орбитофронтален кортекс) и интра- и интерхемисферична комуникација (супериорен надолжен фасцикулус; корпус калозум). Според тоа, мудроста на старите народи (особено во источната култура) сега се потврдува и научно.
Па, еве, ако ги разбравте моите денешни објаснувања, мислете на себе и трудете се сами да си помогнете во овие доста тешки времиња на современиот живот.