Пораката од Водици

Повикот за сплотеност што стигна од младите луѓе на Водици е чин што најдобро говори за свеста на општеството, особено на младите, дека повеќе нема
место за поделби. Доста е! Самата симболика на неколкуте кажани зборови на момчето што го фати светиот крст е многу поголема од сите политички говори, обраќања, изјави на домашните политичари. Пораката од Водици, меѓу редови, беше испратена токму до нив, да се свестат и да се обединат во овие чудни времиња-невремиња, кога земјата е исправена пред сериозни предизвици од кои
зависи дали ќе ја биде или не

Православните христијани неодамна низ целата земја го прославија големиот христијански празник Богојавление – Водици, празник со кој се одбележува крштевањето на Исус Христос во реката Јордан, истовремено празник на кој се врши осветување на сите води.
Овој празник, кој уште се нарекува и Просветување, во себе носи длабока симболика и мудрост на будење, освестување и отворање на душата кон мир, хармонија и разбирање меѓу луѓето.
Се чини дека значењето на празникот вистински беше сфатено од група триесетина млади момчиња, кои оваа година на централната манифестација по повод Богојавление – Водици во Скопје, наместо да скокаат и да трчаат кој попрв ќе го фати крстот и ќе добие подарок телевизор или некоја друга материјална награда, во името на нешто посвето и повозвишено се откажаа од сите земни благодати и останаа прегрнати во студените води на Вардар, заеднички чекајќи речната струја сама да го донесе до нив светиот крст. Илјадниците верници собрани на кејот на Вардар за првпат останаа вистински трогнати и со неверување од она што можеа да го видат, нешто што кај нас ретко се гледа, искрен израз на заедништво и сплотеност.
– Денеска сите видовте како ние сплотени го направивме самиот чин за пуштањето на светиот крст, така што сосема случајно дојде во моите раце, меѓутоа верувајте тоа е како да паднал во сите раце на сите верници што беа долу во водите. Тука се сите момци, заедно прославуваме, јас ја имав таа чест да дојде во моите раце, тие ме испочитуваа како буквално јас да сум го фатил, но тоа е наш заеднички крст и покажавме една сплотеност во овие како да ги кажам тешки времиња, така што ќе продолжиме да бидеме понатаму и се надевам дека ќе живееме една година што ќе биде безгрижна и година на враќање во нормала – порача Игор Јакимовски, до кого доплови светиот крст.
Овој млад човек и сите што беа гушнати со него испратија силна порака, која не беше само верска туку многу повеќе освестувачка, еден народен крик што треба да допре до сите во земјата, посебно до политичарите, без оглед дали се власт или опозиција, малку да застанат, да подразмислат и да разберат каде ја водат оваа наша Македонија.

Симболиката на светиот крст отсекогаш била да сплотува, па затоа повикот за сплотување и обединување е истовремено последната надеж на еден мал и скромен народ да си го зачува сопствениот идентитет, јазик, историја и култура, но и да го спаси ова мало парче библиска земја, по која многумина и натаму посегнуваат.
Оние 30 млади луѓе во Вардар на Водици беа вистински светол зрак во ова македонско политичко сивило, кои покажаа дека во младоста се силата и свеста да се одбрани татковината, да им се каже доста на поделбите, на кавгите, на клиентелизмот, на корупцијата, на сето она што со години ја уназадува оваа земја.
Токму тоа е она што треба да го разберат политичарите, дека немаат мандат да преговараат ниту за идентитетот ниту за јазикот на македонскиот народ само за да покажат кооперативност пред меѓународната заедница, туку нивниот мандат е да седнат и заеднички да бараат решенија што се најдобри за земјата и за граѓаните. И власта и опозицијата се еднакво одговорни за состојбите во државата и пораката од Водици е конечно да се свестат, да се сплотат, да не ја сфаќаат борбата за власт како борба за привилегии, за министерски, директорски и места во управни одбори, туку како можност чесно и достоинствено да им служат на својот народ и на својата држава, како израз на еден најдлабок патриотизам што може да го направи секој човек што си ја сака својата земја. За жал, повеќето за овие 30 години не го научија тоа, туку продолжија да ја туркаат земјата сè подлабоко во амбисот од кој нема враќање, урнисувајќи ги вековните стремежи на македонскиот народ за своја држава, идентитет, јазик, историја и култура.
Несплотеноста нè доведе дотаму, до точката кога веќе е прашањето дали ќе опстојат државата и нејзиниот народ. Ништо не е повредно од зачувување на идентитетот и јазикот на еден народ, па затоа е потребно обединување околу идејата „Европа тука, во Македонија“. Таа Европа ќе зависи само од нас, а не од некој друг што со уцени сака да ги протне сопствените етноцидни политики во име на некакви европски вредности.

Повторно да се навратиме на младите луѓе во Вардар на Водици. Црквата вели дека радоста на празникот Богојавление е токму во верата дека сѐ може одново да се измие, очисти, обнови и повторно да се роди. А тоа се случува во мигот кога ние суштински ќе се доближиме до празникот и ќе сфатиме дека очистувајќи се повторно ќе ја привлечеме благодатта Божја во нашиот живот. Колку и да сме извалкани, помрачени и со своите гревови оддалечени од Бога, сепак, во нас не згаснале надежта и жедта за доброто, совршеното и убавото.
Тоа го побараа оние 30 млади луѓе прегрнати во Вардар, она што досега било семе на раздор и поделби во државата, сега осветените води да го измијат, очистат и обноват бидејќи тоа е вечен циклус што никогаш не завршува. Тоа е семето на „македонизмот“, кое колку и да го требиш, повторно изникнува, како пиреј.
Годината почна со порака за сплотување, а таа порака ништо помалку не се однесува и на оние што ја блокираат Македонија и нејзината иднина. Да се сплотиме во изградбата на подобри меѓусебни односи, искрени, да седнеме на маса да прославуваме, да се почитуваме, да градиме врски, наместо да се негираме, омаловажуваме, навредуваме… Само така ќе се врати надежта дека светот може да се претвори во подобро место за живеење за сите.