Се сеќавам како да беше вчера, кога во 1990-тите години, за време на мојот престој во САД го отворивме радиото „Македонски глас“ во Њујорк, уште во првата емисија, во која гостин беше првиот премиер на независна Македонија, академикот Никола Кљусев, Македонците побараа од него да им се дозволи да гласаат и да имаат од дијаспората свои пратеници во Собранието на Македонија.
Бидејќи и тој ја делеше таквата нивна идеја, премиерот Никола Кљусев се согласи со нивното барање и нагласи дека тој во неговиот мандат ќе направи сѐ дијаспората да може да гласа на парламентарните избори и да има свои парламентарци во македонскиот парламент. Подоцна речиси во секоја емисија или блиска средба со нашинците во САД, тие бараа да им се овозможи да бидат застапени во парламентот и да имаат право да гласаат за пратеници. Во тие години, тие беа толку многу „политизирани“, што секој разговор им почнуваше и завршуваше со политика и со љубовта кон татковината, кон Македонија. Законската можност да имаат право да избираат и да бидат избирани за состав на македонскиот парламент, дијаспората во сите земји каде што има Македонци ја поздрави со воодушевување.
Подоцна, кога на априлските парламентарни избори во 2014 година им се исполни желбата и им се овозможи да можат да гласаат и да имаат тројца пратеници од дијаспората, по еден од САД, Австралија и од Европа, никој не беше посреќен од нив. Во тие години кај најголемиот број иселеници воскресна љубовта за татковината, за родниот крај, за возобновување на нивните вековни огништа, за инвестирање во татковината…
Но, за жал, нивната среќа траеше многу кратко, бидејќи подоцна, со измените на Изборниот законик и наметнатиот цензус од 6.500 гласа за избор на пратеник од дијаспората на предвремените парламентарни избори, буквално им се урнаа сите надежи дека ќе можат да се изборат за место во новиот парламентарен состав. Се покажа дека законските измени се доста неповолни за припадниците на дијаспората и поставениот цензус од 6.500 гласа беше недостижен за најголемиот број иселеници, за да се пријават за избор на пратеник од дијаспората.
Сите укажувања за последиците од таквите законски измени на иселениците во дијаспората беа залудни и на предвремените парламентарни избори дијаспората едноставно остана без своите три пратеници во Собранието. Република Македонија, по која со децении нашите иселеници копнееја, едноставно се откажа од своите сограѓани.
Подоцна дури државата со измените на Уставот се обврза пред соседните земји Грција и Бугарија дека нема да се грижи за иселениците, бидејки тоа било наводно мешање во внатрешните работи на соседните земји. На тој начин, најблаго речено, иселениците беа пуштени по вода и оставени сами да се грижат за себе и за своите проблеми и да не се надеваат многу на помош од матичната држава.
Кога, пак, Македонија со потпишувањето на Преспанскиот договор во Нивице се откажа од уставното име Република Македонија, се чини едноставно згасна љубовта на иселениците, не само кон властите туку и спрема државата, која се преименува во Република Северна Македонија.
Ако во 2014 година во дијаспората имаше пријавено да гласаат на парламентарните избори 23.782 гласачи, денес нивниот број е речиси симболичен. На претстојните избори најверојатно македонската дијаспора ќе гласа само за избор на претседател на државата, бидејќи нема доволен број пријавени за избор на пратеници. Ова излегува откако само 2.954 наши иселеници се пријавиле за гласање во странство на претстојните претседателски и парламентарни избори.
Иако декларативно Македонија се грижи за своите сограѓани во дијаспората, сепак, за жал, тоа не е така. Ни се допаѓало тоа или не, ноторен факт е дека Македонија се откажа од Македонците надвор од своите граници. Нашинците во светот, а особено во соседството, се свесни за тоа и се крајно разочарани. Иако се свесни дека нивната матична држава реално никогаш премногу не се залагала и грижела за нив, сепак она што се случува во последно време е навистина повеќе од загрижувачки. Тоа го тврдат речиси сите македонски здруженија во соседните држави.
Според ОМО-Илинден Пирин, Македонија речиси никогаш не го поставила како официјално и отворено прашањето за македонското малцинство во Бугарија. Уште поголемо разочарување за Македонците во Бугарија се и изјавите на многу функционери од владината коалиција, кои се правдаат дека грижата за малцинствата би била мешање во внатрешните работи во Бугарија.
Македонците во Бугарија сметаат дека Македонија многу одамна требаше да покаже јасна грижа за македонското малцинство и да го постави тоа прашање официјално пред Бугарија. Срамота е што од независноста на Македонија не е поставено тоа прашање официјално и отворено.
Проблемот со негрижата за малцинствата не е само во Бугарија туку и во Албанија и Грција, па дури и во Србија. Особено се загрижувачки поданичките надворешни политики на Македонија кон Македонците во Грција.
Нашинците од таму се жалат дека никогаш не се консултирани за Преспанскиот договор. Тие уверуваат дека во текот на преговорите помеѓу македонската и грчката влада, никогаш не биле спомнати македонското малцинство и македонскиот јазик во Грција. Тие велат дека немало дури ни волја од македонската влада да го направи тоа и додаваат дека биле надвор од целата таа приказна.
Македонските власти во многу пригоди признаваат дека се откажаа од македонското малцинство, особено кога станува збор за малцинството во Бугарија и во Грција. Наместо да застанат зад нивните интереси, функционерите ги препраќаат Македонците за своите права да се борат преку Судот во Стразбур. Резултатот од таквите политики е апсолутна незаинтересираност на Македонците за претстојните претседателски и парламентарни избори. Отуѓувањето меѓу Македонците од светот и државата се чини дека е веќе завршена работа.
Сега веќе ретко кој било од нив зборува за воспоставување на прекинатите врски, инвестиции, враќање во татковината, во родните огништа. Сега на сцена е враќање на иселениците за време на летните одмори на краток престој и одржување на контактите со најблиските.
Попусто многумина од нив посочуваат дека Македонија како држава има и уставна обврска да се грижи за дијаспората и за малцинствата. Во македонскиот устав, поточно во членот 49 се вели дека Републиката се грижи за дијаспората и ги негува и унапредува врските со татковината, како и дека ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ. Доколку се земе предвид дека и македонските малцинства од околните држави се составен дел од македонскиот народ, тогаш државата мора да има институционален пристап кон македонските малцинства, бидејќи тие имаат исти особености, историско и културно наследство со македонскиот народ што живее во македонската држава, велат нашите соговорници.