Кралица за коњ

За оние понеупатените, да појасниме дека кралицата е најсилна и најзначајна фигура во шахот. Во политиката, симболиката и значењето на поимот кралица се сосема поинакви. Зашто ние највредното нешто го жртвуваме, фигуративно кажано, за коњ, иако во реалноста ни останува само самарот. Затоа и ги губиме дипломатските партии. Нѐ товарат постојано со нови обврски, уцени, барања, а за возврат не добиваме речиси ништо

Пред нешто повеќе од пет години, поточно во март 2017 година, поттикнат од тогашните политички случувања, напишав коментар, во кој се обидов да пронајдам допирни точки, но и да извлечам одредени паралели помеѓу шахот и политиката. Зашто во вистинска смисла на зборот политиката е една голема партија шах. Исто како и животот.
Текстот тогаш беше со насловот „Пион жртва“, инспириран од истоимениот филм, кој ги опишува политичката драма, личните искушенија, но и глобалните предизвици во борбата за светската шаховска титула помеѓу Американецот Боби Фишер и Русинот Борис Спаски.
Пред истото искушение да се осврнеме на шахот и политиката сме и овој пат. Иако поводот е нов, охрабрувачки и претставува позитивен исчекор за државата, а тоа е воведување на шахот како изборен предмет во образованието, зачудува сознанието колку работите на планот на политиката останале исти, па дури и полоши. Колку не сме научиле ниту да водиме политика, ниту да размислуваме шаховски. Потврда за тоа се редицата политички мат-ситуации што ги доживеавме изминативе пет години. А требаше само толку малку за работите да бидат поинакви. И не дека не предупредивме и не укажавме токму на можните погубни последици од таквото практикување на политиката. Кои потоа, за жал, навистина и се случија. Не би сакал да звучи претенциозно, но, еве, колку за утеха, можеби ќе беше подобро доколку тогашните политички гарнитури го прочитаа или извлечеа некои поуки од тогашниот текст „Пион жртва“ објавен во „Нова Македонија“. Во оваа пригода, пет и пол години потоа, ќе потсетиме пак на некои клучни пораки. Зашто повторувањето, нели, е мајка на знаењето.
Но претходно неколку збора и за нештата што од корен се променија оттогаш, па досега. И сето тоа поради нечие незнаење, аматеризам, недостиг од патриотизам, коруптивно однесување, недемократичност, нетолеранција, низок морал. И ако сакате и поради антишаховската филозофија на размислување на политичките гарнитури, која подоцна прерасна во антимакедонска идеологија.
Но да одиме по ред. Прво што не е исто, е што тогаш бевме Република Македонија. Денес веќе не сме тоа. Тогаш бевме Македонија и Македонци официјално признаени од над 150 држави во светот. Денес ниту сами себе дома не се признаваме и не се препознаваме. Однатре се делиме, се мразиме и се караме, а однадвор ни наметнуваат нова кованица како северномакедонци, некоја нова и измислена нација без корен. Тогаш имавме кралица на таблата, сега сме и без пиони и без коњи и без топови. Соголени целосно, историски, идентитетски, јазично, економски… Има разлика, ќе се согласите.

Одиме понатаму. Тогаш немаше ниту француски предлог, ниту бугарски протокол, ниту декларација со која самите си ги негираме временскиот, просторниот и вековниот континуитет на македонскиот јазик. Како е можно за толку кратко време да се промениме толку многу, и тоа на полошо. Да жртвуваме сѐ што ни е вредно како држава и како нација, за празни ветувања. Ако сѐ се сменило, еве, си земам за право да го смениме и насловот на овој текст, во согласност со актуелните политички прилики. Тогаш пред пет години посоодветно беше пион жртва, денес многу поадекватен наслов би било кралица за коњ. Зашто со шаховски жаргон кажано ова е политичката мантра по која денес се раководи државата. За оние понеупатените, да појасниме дека кралицата е најсилна и најзначајна фигура во шахот. Во политиката, симболиката и значењето на поимот кралица се сосема поинакви. Но ние највредното нешто го жртвуваме, фигуративно кажано, за коњ, иако во реалноста ни останува само самарот. Затоа и ги губиме дипломатските партии. Нѐ товарат постојано со нови обврски, уцени, барања, а за возврат не добиваме речиси ништо. А сега да се навратам на поентите и укажувањата од текстот пред пет години. Колку да се потсети кој бил визионер, а кои биле само политички воајери што се задоволуваат од страдањата на сопствениот народ и држава.
Тогаш напишавме дека нашите политичари и лидери се тотални антишахисти и аутсајдери. Од потезите што тие ги влечат не само што самите себеси и нивните поддржувачи ги доведуваат во губитничка и безизлезна ситуација тука страда и целата држава. Затоа и државата дојде до ова дереџе до кое сме сега. Она што особено загрижува е што повеќето од нив и не разликуваат која е улогата на фигурите на таблата. Па, така, себеси се сметаат и се идентификуваат со кралот или клучната фигура во шахот. Мислат дека сѐ се врти околу нив, дека кралот треба да ја води играта и само тој да ги влече потезите. Вака напишавме тогаш. Дали е нешто поинаку денес. Нималку.

Понатаму, стратегијата на нашите политичари е да ги жртвуваат фигурите без оправдан повод и причина и кога ќе им се посака. Тие сметаат дека секоја жртва е дозволена и полезна ако оди во нивен интерес, додека смислата на шаховската игра воопшто не е непотребно да се жртвуваат фигури, туку да ги браните и да се борите за секоја од нив. Како што во реалниот живот секој одговорен и искусен политичар треба да се бори и да ги брани интересите на секој свој граѓанин. Така напишавме тогаш. А како е денес. Ги брани ли некој денес интересите на државата и граѓаните, или уште повеќе ги распродава. Еве, проценете сами.
Во продолжение само уште еден извадок од текстот од пред пет години и паралела со состојбата денес.
Ако се сложиме дека домашните политичари не ги бидува за шах, што да се каже за претставниците на меѓународната заедница, кои постојано се присутни на нашата маса и ни кажуваат што и како да направиме. Е тие (странците) играат по сосема други нивни правила. Клоцаат под маса, вадат топови, коњи и ловци од ракав, ги кријат потезите, ви ги буткаат фигурите, го стопираат часовникот што мери време, ви кажуваат кој потег да го изиграте итн. Кога ќе им укажете дека не играат фер се жалат кај судијата дека не сакате да ја довршите партијата, бараат службено да признаете пораз. Така напишавме тогаш. А како е денес и на што ве потсетува ова? На францускиот односно бугарскиот предлог можеби. Или на обидите за враќање на мала врата на фашизмот и нацизмот во антифашистичка Македонија. Секоја сличност со денешните настани е случајна.

И да не заборавам, во 2017 г., според меѓународните извештаи, беше рангирана како втора најнесреќна земја во регионот. За пет години работите еволуирале. Сега сме прворангирани во Европа според акумулиран гнев на дневна основа. Од несреќни станавме гневни и потиштени. Се плашам дури и да помислам до каде ќе стигнеме на психичко и емоционално поле додека влеземе во ЕУ.
Во духот на насловот текстот би го завршил со една анегдота. Добро етаблирано, домаќинско семејство ја омажило својата убава и учена ќерка далеку од дома. Ама зетот се погодил неработник, мрза, пропаликуќа или со еден збор крајна спротивност на карактерот и особините на ќерката. Кога увиделе што ги снашло, несреќните родители на девојката само воздивнале и рекле: „Ех, што направивме – дадовме кралица за коњ“. За жал, Македонија даде и многу повеќе. А го доби само самарот.

[email protected],mk